ПОВЕЌЕ

    Биткоин-револуцијата на Салвадор покрена бран на шпекулации

    Време зa читање: 3 минути

    Угостителите и продавачите во Ел Салвадор тргуваат со криптовалути преку нивните телефони, купувајќи и продавајќи дигитални монети со користење ја владината апликација „Чиво“, која претставува дигитален паричник исполнет со биткоин во вредност од 30 долари, пренесува „Тајм“.

    „Чиво“ беше осмислен да ги овозможи трансакциите со биткоин, но стана предмет на шпекулации поради можноста за брзо претворање на малите суми на криптовалути во долари. Дигиталниот паричник е прифатен во главниот град Сан Салвадор, од страна на големите синџири како „Старбакс“ и „Мекдоналдс“, но и од помалите бизниси.

    Сопственикот на продавница за електрични апарати, Сантос Енрике Ернандез, вели дека „Чиво“ овозможува побрзи трансакции во однос на плаќањето со готовина или со кредитни картички. Но, тој објаснува дека апликацијата му овозможува и да шпекулира со промените на вредноста на биткоинот, односно да ја купува криптовалутата кога цената паѓа, а потоа да ја претвора во долари кога нејзината вредност повторно ќе се зголеми. Ернандез наведува дека на тој начин заработил 12 долари за два дена.

    Салвадор ја усвои криптовалутата биткоин како законско средство за плаќање на 7 септември. Оттогаш, повеќе од два милиона жители во државата со население од 6,5 милиони станаа корисници на „Чиво“, според претседателот Најиб Букеле. Забележано е дека многумина од корисниците ги трошат само 30-те долари на сметката кои ги добија од државата.

    Се смета и дека биткоинот ќе им заштеди на Салвадорците околу 400 милиони долари при трансакциите во кои иселениците праќаат пари во државата, а кои минатата година достигнаа сума од шест милијарди долари.

    Администрацијата на претседателот Букеле постави и 200 биткоин-банкомати низ државата на кои криптовалутата ќе може да се размени за долари, а министерството за финансии оформи фонд во вредност од 150 милиони долари во државната банка „Бандесал“ за да ги поддржи трансакцииите. Доларот ќе остане национална валута за оние кои не се технолошки оспособени за да го прифатат биткоинот, со што ќе бидат изземени од новиот закон.

    Во Салвадор се одржуваат помали протести против одлуката на претседателот за усвојување на биткоинот како средство за плаќање. Финансиските експерти наведуваат и дека експериментот со биткоинот е голем ризик за Букеле кој би можел да ја загуби поддршката доколку Салвадорците се соочат со финансиски загуби. Вредноста на биткоинот опадна за околу седум отсто откако претседателот на Салвадор го најави купувањето на 200 дигитални монети на 6 септември.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично