ПОВЕЌЕ

    Бензинците со половина помал данок споредено со дизелашите, кај возила до 10.000 евра

    Време зa читање: 4 минути

    Возилата ќе се даночат според еколошката категорија. Од први јануари, за возила до 10.000 евра вредност, износот на данокот ќе се пресметува само според емисијата на CO2. Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и кога станува збор за возила со дизел и бензински мотори. Возило со иста вредност и иста емисија на CO2, ако е со бензински мотор ќе плати помал данок. На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на CO2 од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор данокот ќе изнесува 6.500 денари, а ако моторот е дизел – двојно повеќе.

    – Притисокот на граѓанскиот сектор за загадувањето на животната средина е жесток и со право, зашто за здравјето нема алтернатива. Министерството за финансии и Царинската управа одговараат на дел од предизвиците поврзани со загадувањето на воздухот со системско, а не со ад-хок решение. Минатата среда пратениците го изгласаа новиот Закон за данок на моторни возила. Со него, за првпат, се воведува принципот: ако возилото помалку загадува, за него има помал данок – рече министерката за финансии Нина Ангеловска на презентацијата на новата регулатива за оданочување на возилата при увоз.

    Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски посочи дека мотивирањето на граѓаните да набавуваат возила што помалку загадуваат ќе биде заедничко залагање на повеќе институции со што се планира спроведување посебни мерки. Сегашните бројки упатуваат на тоа дека 82 процента од набавуваните возила се половни, а само 18 проценти се нови.

    Со Уредба, којашто Владата ќе ја разгледува на утрешната седница, се утврдува начинот на пресметка на данокот на моторните возила врз основа на два критериума: емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразен во грамови по километар и вредност на возилото. Возилата со пониска емисија на CO2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои имаат повисока емисија на CO2.

    Министерката Ангеловска нагласи дека новиот Закон за данок на моторни возила е прв закон за оданочување возила кој не води сметка само за висината на приходите во Буџетот туку првпат се вградува компонента што ја стимулира набавката на еколошки возила и со тоа придонесува за намалување на загадувањето. На тој начин се стимулира обновата на возниот парк на систематска основа, што е многу важно, затоа што староста на возниот парк во државата е меѓу 15 и 18 години.

    Во Буџетот за 2020 година, буџетските приходи од новиот данок се очекува да изнесуваат исто колку и оние од акцизата на возилата во 2019 година.

    – Со измените се стимулира набавка на нови возила преку изземање од давачки за одредени возила, оние што се користат за прва помош, погребални услуги и преку враќање платен данок за нови возила наменети за такси превозни услуги, каде што повратот на данок зависи од конкретната намена на возилото. Кај моторни возила ќе има 25 проценти поврат на данок, а кај возила со седишта 7+1 и 8+1 што ќе се употребуваат за такси услуги и за потреби на компании ќе се враќа данок до 80 проценти. За поттикнување на употребата на електричните возила, за сите категории од овој вид е пропишано ослободување од посебен данок на моторни возила. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50 проценти од данокот – објасни Танасоски.

    Според возниот парк во државата, се проценува дека просечната емисија на CO2 е околу 170 гр./км. Границата која е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 гр./км CO2.  Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 гр./км CO2. На ниво на ЕУ, автомобилите се одговорни за околу 12 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид, главен стакленички гас.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично