ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска ‒ Рухе: Народната банка и натаму е еден од носечките столбови на финансиската и макроекономската стабилност во земјава

    Време зa читање: 3 минути

    И покрај силните шокови со кои се соочи нашата економија, како и глобалната економија, стабилноста беше зачувана. Централната банка и натаму е еден од носечките столбови на финансиската и макроекономската стабилност во земјава. Ќе се преземат сите потребни чекори и ќе се искористат сите расположливи инструменти, доколку има потреба, за да се исполни мандатот на централната банка и за да се зачува среднорочната ценовна стабилност, како и стабилноста на домашната валута. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Централна и Југоисточна Европа на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Шарлот Рухе, којашто се одржа на маргините на Форумот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ), што го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија.

    На средбата помеѓу гувернерката и директорката Рухе стана збор за тековната економска состојба во регионот и земјата, активностите коишто се преземаат од страна на централната банка, како и очекувањата и проекциите за годинава и на среден рок. Ангеловска-Бежоска посочи дека како мала и исклучително отворена економија, каде што трошоците за храната и енергентите сочинуваат околу половина од потрошувачката кошничка, бевме исклучително подложни на шоковите на меѓународните пазари, коишто брзо се пренесоа и во домашната економија. За остварување на својот основен законски мандат, односно одржувањето на ценовната стабилност, Народната банка уште од крајот на 2021 година започна да презема мерки за повлекување на ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, од пролетта 2022 година започна и со примена на широка лепеза активности кај повеќе монетарни инструменти, вклучително и зголемување на основната каматна стапка, а активира и макропрудентни мерки коишто овозможуваат финансиска стабилност.

    Гувернерката истакна и дека, имајќи ги предвид очекувањата за движењата на цените на храната и енергијата на светските пазари, како и мерките преземени од страна на носителите на политиките, годинава се очекува забавување на инфлацијата. Ангеловска-Бежоска посочи дека целта на Народната банка е, на среден рок, инфлацијата да се врати на историски ниските стапки од околу 2%.

    Говорејќи за стабилноста на економијата, Ангеловска-Бежоска го истакна и значењето на банкарскиот сектор, којшто и покрај последователните кризи и натаму е високо капитализиран и ликвиден, односно ја задржа својата отпорност, а истовремено обезбеди постојана кредитна поддршка за економијата.

    Рухе посочи дека земјава има сигурен партнер во ЕБОР за развојот на економијата и дека низ годините тоа многукратно е потврдено преку проектите и инвестициите на ЕБОР во земјава. Во дискусијата, осврнувајќи се на тековната криза и на структурните реформи чија потреба стана очигледна, стана збор и за зелената транзиција и за нејзиното значење за спроведувањето на мандатите на централните банки. ЕБОР изминатите години има амбициозна агенда преку директни инвестиции во зелени проекти, но и преку финансирање преку партнерски институции, поттикнување на зеленото финансирање и зелените производи за овозможување енергетска одржливост и ефикасност во земјава.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично