ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на Регионалниот собир на гувернери во Ровињ

    Време зa читање: 3 минути

    Со навестувањето на постпандемискиот период, време е да се размисли како непречено да се заменат општите економски политики со поспецифични, секторски политики што ќе ја олеснат оптималната прераспределба на ресурсите и посткризната трансформација на економиите, со цел да се зголеми потенцијалот за поголем економски раст. Со цел да се отстранат економските лузни од пандемијата, треба да се зајакне отпорноста на економиите и да се стимулира растот на продуктивноста. Притоа, треба да се продолжи и со решавањето на претпандемиските структурни прашања, но и да се биде во чекор со постпандемичните потреби што се појавуваат, особено во областа на дигитализацијата.

    Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Регионалниот собир на гувернери, којшто се одржа во Ровињ, Хрватска.

    Во своето излагање, таа се осврна и на потребата од вложување во инфраструктурата, особено во информатичката инфраструктура, како основа на новата економија, со цел да се забрза дигиталната трансформација на економиите.

    „Иако е очигледно дека трендот на дигитализација беше забрзан и зајакнат од здравствената криза, треба да се вложат поголеми напори за надградба на инфраструктурата, проширување на пристапот до информатичко-комуникациската технологија, промовирање ефективна и широко распространета транзиција на многу активности на дигитални платформи и затворање на дигиталниот јаз во економиите. Ова ќе ги зголеми придобивките во продуктивноста преку побрзо усвојување нови производи и процеси и ќе му овозможи на приватниот сектор непречено приспособување кон промените што ги носи здравствената криза.” – истакна гувернерката на Народната банка.

    Покрај тоа, како што посочи таа, со зголемувањето на „традиционалните” инвестиции во транспортот, здравството и енергијата би се подобрила конкурентноста и би дошло до повеќе вработувања, со што земјите би станале поотпорни и одржливи.

    „Квалитетот на работната сила е еден од клучните предуслови за подигнување на можностите за одржлив економски раст и затоа треба да се цели кон зголемување и трансформирање на човечкиот капитал во економијата, паралелно со дигиталната трансформација. Оттука, треба да им се посвети посебно внимание на заживувањето и трансформацијата на човечкиот капитал, преку пренасочување и зголемување на квалификациите за нови вештини, што треба да биде поддржано со зголемени инвестиции, особено во вештините за „новите постпандемиски работни места” и со активни политики на пазарот на трудот, со што ќе се ублажат некои од структурните проблеми на пазарот на трудот.” – нагласи Ангеловска-Бежоска.

    Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на прашањата за инфлацијата, при што беше истакнато дека во целиот регион, во овој период, се забележуваат ценовни движења коишто се под влијае на растот на глобалните цени, при што е потребно постојано следење на состојбите, иако сепак се очекува нормализација веќе следната година, за кога се очекува пад на цената на примарните производи на светските пазари.

    Ангелоска-Бежоска го искористи учеството на високите претставници на централните банки од регионот на овој клучен собир и за повеќе билатерални средби со своите колеги од другите централни банки, при што беа резимирани согледувањата од досегашното искуство со пандемијата и влогот на централните банки, а се разговараше и за натамошно продлабочување на соработката, како на реагионално, така и на билатерално ниво.

    На настанот учествуваа гувернери на централни банки од речиси сите земји од регионот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично