ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на конференција на ОН: Банките со сѐ поголема посветеност на зелените кредити ‒ лани раст од 23%

    Време зa читање: 3 минути

    Климатските промени можат да влијаат врз ценовната и финансиската стабилност, односно врз целите на централните банки. Оттаму, централните банки, особено на најразвиените економии, во изминатиот период им посветуваат сѐ поголемо внимание на зелените финансии. Народната банка досега презеде повеќе активности за таа цел, вклучително и определување на зелените финансии како стратегиска цел и пристапување кон меѓународната Мрежа за зелени финансии. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Годишната конференција на Обединетите нации: „Како да се обезбеди финансирање на одржливиот развој”, на панел-дискусијата „Што можат да направат банките и компаниите за одржливиот развој?”

    „Има процени дека економската штета од климатските промени изнесува околу 25% од глобалниот БДП. ММФ проценува дека природните непогоди поврзани со климатските промени го намалуваат растот за 0,4 процентни поени, во просек, а кај помалку развиените економии дури и до 0,7 процентни поени. Се проценува дека негативниот ефект во претстојниот период ќе биде уште поголем, особено кај помалку развиените економии, нагласувајќи ја потребата за засилување на активностите на носителите на политиките, но и на меѓународната заедница”, наведе гувернерката Ангеловска-Бежоска.

    Централните банки ставаат сѐ поголем акцент, при изборот на своите монетарни инструменти и управувањето со девизните резерви, токму на откривањето на ризиците од климатските промени. Се зголемува транспарентноста на ова поле, се работи на мапирање на екосистемот, развивање системи на статистички податоци и сл.

    „Проактивна улога на ова поле има и Народната банка. Во 2021 година беше спроведена Анкета помеѓу деловните банки за досегашната примена на концептот „зелени финансии”. Според резултатите од Анкетата, околу 70% од банките одобруваат кредити за проекти коишто имаат позитивно влијание врз животната средина, додека околу 43% од банките имаат воспоставено и формален систем на идентификување зелени проекти. Учеството на зелените кредити изнесува околу 150 милиони евра, или само 2,5% во вкупните кредити. Сепак заинтересираноста расте, минатата година имаше раст од 23%, а заклучно со септември натамошен раст од околу 6%”, посочи гувернерката.

    „Општо земено, наодите од Анкетата, коишто не се разликуваат многу од анкетите во рамките на ЕУ, покажуваат дека тековно учеството на зелените финансии е релативно помало, но дека банките им даваат сѐ поголема предност на зелените кредити, коишто се значаен потенцијал за финансирање проекти за животна средина и воопшто, за одржлив раст “, истакна Ангеловска-Бежоска.

    Во однос на идните активности на Народната банка во врска со зелените финансии, гувернерката нагласи дека банката ќе се насочи кон прибирање подетални податоци, анализа на ризиците од климатските промени за банкарскиот систем и изготвување насоки за банките за зелените финансии, како и дека се планира стрес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично