ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: Горко кафе за компаниите од бизнисот со кафе. Четири од петте на врвот со пад на добивката

    Време зa читање: 4 минути


    Легендата за откривањето на кафето како напиток не навраќа пред 3.000 години во Етиопија. Имено, локален овчар набљудувајќи го однесувањето на своето стадо после јадење на плодовите од одредено растение забележал дека овците не можат да спијат навечер и имаат многу повеќе енергија. Ова негово откритие го споделил со свештеникот во областа Кафа и се одлучиле да испробаат дали ќе делува и врз нив. Останатиот развој на кафето и неговото култивирано одгледување е историја, а сеуште тоа претставува основен напиток во текот на денот.

    Енергијата која ја добиваме од кафето е од непроценливо значење, но да видиме со каква енергија работеле македонските преработувачи на кафе. Нашата анализа ќе се сконцентрира на најголемите 5 компании од оваа индустрија и со помош на податоците од БизнисМрежа.мк ќе се обидеме да дадеме слика за финансиските параметри од минатите 2 години.

    НазивПриходи 2020Приходи 2019Раст %
    РИО ДООЕЛ8,237,3909,516,407-13.44%
    ИНТЕР-КАФЕ ДОО2,884,459 2,305,30025.12%
    ЕВТИНИЈА2,319,1582,363,024-1.86%
    КОНИМЕКС ХОЛДИНГ 2,130,6391,774,96520.04%
    РОЈТЕМ ДОО1,331,7741,861,126-28.44%

    Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк

    Според горната табела генерирана од страна на платформата за бонитетни податоци на БизнисМрежа.мк, може да се забележи дека суверен лидер на пазарот е РИО ДООЕЛ. Најпознатата македонска компанија за кафе бележи најголеми приходи во изминатите 2 години. Меѓутоа, минатата година регистриран е пад на приходите од 13.44%, што укажува дека пандемијата значително се осетила и во оваа индустрија.

    Споредбените податоци за првата петорка покажуваат дека разликата во приходи во 2020 година помеѓу првата и петтата компанија е скоро 7 милиони ЕУР, а сите 4 компании имаат вкупни приходи приближно колку водечката компанија. Она што е евидентно е податокот за односот помеѓу првите две компании, кој во 2019 година изнесува 4.1 пати, додека во 2020 година таа бројка изнесува 2.8 пати. Причината за ова е огромниот пораст на приходи на ИНТЕР-КАФЕ ДОО од 25.12%. Дијаметрално спротивен е односот со последно рангираната компанија. Тука соодносот меѓу приходите е зголемен, односно од 5.1 пати во 2019 пораснал на 6.1 пати во 2020 година. Се поставува прашањето дали на повидок е формирање на голема четворка и зголемена концентрација на моќ?

    Сублимирано топ 5 компаниите од оваа индустрија оствариле помали приходи во 2020 споредбено со 2019. Падот на  вкупните приходи изнесува 917 илјади ЕУР.

    Од аспект на остварениот нето профит евидентно е дека 4 од 5 компании имаат пад на добивките, со тоа што 3 од нив имаат и двоцифрени вредности, а уште позагрижувачки е податокот што тие три компании се лидери во индустријата. И во вакви услови повторно РИО ДООЕЛ има поголема добивка од сите останати 4 компании заедно.

    НазивДобивка 2020Добивка 2019Раст %
    РИО ДООЕЛ617,8361,139,483-45.78%
    ИНТЕР-КАФЕ ДОО 210,137302,047-30.43%
    ЕВТИНИЈА 17,418 48,768-64.28%
    КОНИМЕКС ХОЛДИНГ11,317 9,42620.07%
    РОЈТЕМ ДОО 55,28456,363-1.91%

    Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк

    Анализата исфрла на површина неколку интересни факти поврзани со промените во приходите и добивките:

    • КОНИМЕКС ХОЛДИНГ е единствената компанија чиј пораст на приходи адекватно се пресликал во пораст на добивката. Во двата параметри порастот изнесува 20%.
    • Од друга страна кај компанијата ЕВТИНИЈА иако е регистриран мал пад на приходи од само 1.8%, сепак вкупната добивка покажува пад од огромни 64.28%. Се чини дека оваа компанија значително имала проблеми во управувањето со трошоците.
    • Кај ИНТЕР-КАФЕ ДОО екстремот е уште поголем. Имено, иако компанијата генерирала пораст на приходи од 25.12%, сепак нето добивката е намалена за 30.43%

    Во однос на остварените добивки, евидентна е уште позасилената концентрација во само 2 компании.

    НазивПрофитна Маржа 2020 Профитна Маржа 2019
    РИО ДООЕЛ7.50%11.97%
    ИНТЕР-КАФЕ ДОО7.29%13.10%
    ЕВТИНИЈА0.75%2.06%
    КОНИМЕКС ХОЛДИНГ0.53%0.53%
    РОЈТЕМ ДОО4.15%3.03%

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Од аспект на профитабилноста на компаниите се издвојуваат РИО ДООЕЛ и ИНТЕР-КАФЕ ДОО кои имаат слични остварувања од над 7%, иако и двете бележат големи падови во 2020 година. Од друга страна РОЈТЕМ ДОО успеала да го подобри својот резултат по основ на овој показател за повеќе од 1п.п.

    Во последната табела од оваа анализа ќе го прикажеме бројот на вработени во овие 5 компании.

    НазивВработени 2020Вработени 2019Раст %
    РИО ДООЕЛ 94 96-2.08%
    ИНТЕР-КАФЕ ДОО 373119.35%
    РОЈТЕМ ДОО 27 31-12.90%
    КОНИМЕКС ХОЛДИНГ22220.00%
    ЕВТИНИЈА 14 140.00%

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Тука, генералниот заклучок е дека има некоја константа линија со тоа што евидентирани се два екстреми. ИНТЕР-КАФЕ ДОО го зголемува својот човечки капитал и бележи пораст на бројот на вработени од 19.35%, додека РОЈТЕМ ДОО го намалил бројот на вработени за 12.9%. Иако процентите се големи, сепак аналитиката покажува дека станува збор за промени од 4-6 луѓе, што е нормална бројка во повеќе сектори. Спомнатата константа се пресликува и во вкупниот број на вработени во овие 5 компании, кој во последните две години е непроменет и изнесува 194.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично