Едни од најатрактивните акции на Берзата се оние на Комерцијална банка, чија цена, генерално има тренд на раст низ годините. Вчера (5.08.2021 година) берзанското тргување заврши со просечна цена од 10.082,3 денари за една нејзина акција. На истиот ден пред 10 години (5.08.2011 година) просечната цена на една акција на Комерцијална банка била 3.545 денари, покажуваат податоците од Македонската берза.
Растот на вредноста на акциите дури е особено изразен во пандемискиот период. Секако, во критичните денови откако лани на 12 март беше прогласна пандемијата и кога берзата се обои во црвено и Комерцијална банка имаше свои падови кај вредноста на акциите. Но, ако се анализира периодот од почетокот на 2020 година до вчера, односно за 1 години и 7 месеци, вредноста на акцијата пораснала за околу 50 проценти (од 6.559 денари на 3.1.2020 до 10.082 денари на 5.08.2021).
Пандемискиот раст на цената на акциите на Комерцијална банка може да се протолкува како резултат на пад на вложувањата на инвеститорите во проекти и нивно свртување кон акции, и тоа кон акции на банка, со што се создаде значително поволно ниво на побарувачка за акциите на Комерцијална банка.
Интересот пак, што веќе со години постои за акциите на Комерцијална банка, секако е резулатат и на дивидендите што јавно се објавуваат. Во Билансот на успех во Неревидираниот финансиски извештај за првото полугодие од годинава, е наведено дека добивката што им припаѓа на акционерите за овие 6 месеци е 13,4 милиони евра.
За распределба на дивидендата во 2020 година, Собранието на акционери на Комерцијална банка заседаваше на 29 март 2021 година и на него беше предложена дивиденда за една обична акција да биде во бруто износ од 600 денари, односно 60 проценти во однос на номиналната вредност од 1.000 денари. Тогаш е констатирано и дека Комерцијална банка има издадено вкупно 2.279.067 обични акции. Ова пак, значи дека за 2020 година во вид на дивиденда ќе се поделат безмалку 23 милиони евра (2.270.067 акции по 10 евра). Поделбата е закажана за 24 август откако Народната банка ја укина забраната за исплата на дивиденда за да ја заштитити стабилноста на банките во пандемијата.
Бруто дивиденда по акција (во денари)
Година | Обични бруто | МКД | Приоритетни бруто | МКД |
---|---|---|
2021 | 620 | - |
2020 | 600 | - |
2019 | 550 | - |
2018 | 420 | - |
2017 | 180 | - |
2016 | 150 | |
2015 | 125 | - |
2014 | - | - |
2013 | - | - |
2012 | 100 | - |
2011 | 200 | - |
2010* | 200 | - |
2009 | 170 | 114 |
2008 | 190 | 99 |
2007 | 190 | 95 |
2006 | 165 | 92 |
2005 | 150 | 95 |
2004* | 96 | 96 |
2003 | 75 | 108,00 |
За зголемениот интерес за акциите на Комерцијална банка може да се каже дека влијае и интересот, односно тргувањето што го прават познати имиња, кои влеваат доверба дека знаат во што вложуваат.
Деновиве, дури и самиот директор Хари Костов купи 3.500 обични акции. Како што веќе информираше порталот „Пари“ во ексклузивната изјава што ја доби, Костов обелодени колку акции сега поседува во Комерцијална банка. Тој има 20.000 акции, односно 0,877 проценти од вкупниот број на акции на Банката. За последните купени акции, тој платил околу 500.000 евра!
Најголем акционер во Комерцијална банка е „Адора“ чиј сопстевик е Ванчо Чифлиганец. Учеството на „Адора“ во вкупниот капитал на Банката е 14,99 проценти.
Извор: Комерцијална банка
Пазарното учество на Комерцијална банка на банкарскиот пазар, според вкупната актива, на 31.12.2020 година било 22,7 проценти, според вкупните депозити на нефинансиски сектор 26,3 проценти и според нето-кредитите на нефинансискиот сектор 15,1 процент.
Банката го објави и својот финансиски извештај за првите 6 месеци од 2021 година. За овој период таа направила добивка од речиси 13,5 милиони евра.
Редакција Пари