ПОВЕЌЕ

    Активна VS Пасивна страна на приходот

    Време зa читање: 4 минути

    Кога докторите би го мереле нивото на ендорфини (хормони на среќа) за време кога се исплаќа плата, бројките би биле далеку повисоки од сите останати денови(хипотетички кажано). Поентата е дека обично во Македонија најголем дел од работодавачите своите обврски кон вработени ги подмируваат еднаш месечно, а со тоа и самото задоволство од добиениот надомест за извршената работа е најголемо тој ден. Најголем дел од тешко заработените пари обично се трошат во првите неколку дена. Тогаш се подмирувват сметки, се полнат фрижидери, се отплаќаат кредитни обврски и ред други работи кои намалуваат месечниот буџет. Во свет на потрошувачко општество, висината на платата не игра улога во богатството на индивидуите, бидејќи колку повеќе заработувате, толку повеќе трошите и на крај на месец сите се на нула. Разликата е во тоа што некој купил месечна карта за автобус, додека друг ги потрошил парите на сервис на својот џип и ставил гориво. Разликата во трошокот е најмалку 200 евра, единствено задоволството е различно. Друг можеби со 50 ЕУР набавил основни намирници за цел месец, додека друг потрошил 5.000 ЕУР на скапи ручеци и вечери во еминентни ресторани. На крај и двајцата ги потрошиле своите пари.

    Клучната поента е дека доколку работиме за плата, не е битна висината на платата се додека сите пари ги трошиме на работи кои не носат никаков бенефит за нашиот буџет.

    Месечниот приход, без разлика колку е голем мора адекватно да се распредели со цел да се обезбеди дополнителна вредност од парите. Се додека не се инвестира во нешто што ќе генерира дополнителен приход, туку напротив се трошат сите расположливи средства, секогаш ќе постои сиромаштија. Сиромашен се станува и со приход од 500 ЕУР, но и со приход од 5.000 ЕУР. Разлика може да се направи со многу мали промени во навиките, а еден од основните начела е инвестирање во актива.

    За да може подобро да ги разјасниме поимите актива и пасива во однос на приходот ќе тргнеме од основата: Се она што ни го празни буџетот е пасива(автомобил, кирија, гардероба, режиски трошоци, храна, патувања и сл.), додека се она што ни носи дополнителен приход(рента, акции, обврзници, бизниси) е актива. Од друга страна може еден ист вид на расход за едни да биде приход(актива), додека за други  е  трошок(пасива). На пример интернетот доколку се користи за скролање низ фејсбук е чист расход, но доколку преку интернет продавате нешто тоа ќе биде ваш извор на приход.

    Сите ние треба да направиме листа на расходи и паметно да раководиме со заработените средства. Изговори дека не може да се тргнат ни 10% од платата секогаш ќе постојат, но само од нас зависи дали сакаме цел живот да бидиме робови на работните места, или сакаме паметно да управуваме со парите за на крај парите да работаат за нас. Колку и да изгледа ова далечно, бидете сигурни дека доколку го искористите интернетот за пребарување на успешни луѓе и како го стекнале своето богатство, ќе забележите дека со многу мали секојдневни чекори и со постојана финансиска надградба успеале да изградат свои империи. Не постои ниту еден кој изградил богатство преку ноќ!

    Најтешкиот дел е самиот почеток и големи ќе бидат искушенијата да посегнете по заштедениот дел, но само најупорните ќе успеат да постигнат финансиска слобода. Нема никаква научна фантастика, само треба правилно да се дистрибуира приходот. Кога ќе научите правилно да раководите со своите финансии и кога ќе стекнете доволно средства за почетна инвестиција, веќе ќе знаете каде да ги вложите своите средства. Патот до проучување на инвестициските можности започнува со градењето на заштедата, а градењето на заштедата е процес кој се учи.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично