ПОВЕЌЕ

    Се одржа конференција Pitch.Match.Grow vol. 2 насочена кон поддршка за интернационален настап на домашните стартапи

    Време зa читање: 4 минути

    Во организација на PwC, изминативе два дена во Скопје се одржа второто издание на конференцијата Pitch.Match.Grow vol. 2 која на едно место ги собра сите релевантни чинители во стартап еко-системот. Целта на настанот е да го олесни развојот, растот и интернационалниот пазарен настап на стартапите од Македонија.

    Голем број претприемачи, инвеститори и различни домашни и меѓународни експерти, како и различни поддржувачи на стартап екосистемот, имаа можност да се вмрежат и да проследат презентации, панели и разговори со некои од најзначајните домашни и интернационални бизнис лидери во стартап светот, пренесувајќи свои искуства и совети како ефикасно да се влијае врз дополнителен развој на домашната стартап сцена.

    Возбудени сме што го организираме второто издание на Pitch.Match.Grow“, рече Драган Давитков, партнер во PwC, додавајќи: „Како компанија чија цел е градење на доверба во општеството и решавање на значајни проблеми, веруваме во моќта на стартапите да поттикнат иновации и да ја обликуваат иднината. Сепак, разбираме и знаеме дека да се управува во сложениот бизнис свет може да биде предизвик, особено за оние кои што се на почеток и PwC e тука за вас. Со нетрпение очекуваме да ги видиме иновативните идеи и поврзувањата што ќе произлезат од овогодинешната конференција“.

    На конференцијата беа отворени повеќе актуелни теми и прашања поврзани со управување со ризичен капитал и прибирање на средства, маркетинг, продажба, како и финансиски можности за дигитализација.

    Првиот ден, на конференцијата се претстави една од највлијателните бизнисменки во Хрватска – Хајди Ценан, ко-основач и извршен директор на airt.ai, која зборуваше на тема вештачка интелигенција и нејзиниот потенцијал да ја обликува иднината. Потоа следеше работилницата „Можности за доделување на опции за акции или удели на вработените” на која експерти од PwC споделија насоки и одговараа на прашања поврзани со структурирањето, имплементација и реализација на овие шеми. Понатаму, голем интерес поттикна и работилницата  „Основи на блокчеин и криптовалути” на која учесниците имаа можност да создадат свој дигитален паричник.

    Во посебна сесија на тема „Како да се пробиете низ вревата”, своите успешни стартап приказни ги споделија основачите Светлана Кордумова (pixyle.ai), Филип Арсов (Synapse), Јосиф Дамјанов (Fitkit app &Coach Foods), Никола Велковски (Howitzer) и  Александра Митревска (NativeTeams). Оваа сесија им овозможи на присутните да ги разберат предизвиците со кои се соочиле говорниците-основачи на стартапи и од прва рака да дознаат како страста и креативноста им помогнале за да се соочат со пречките во градењето на успешен бизнис.

    Во текот на првиот ден УНДП го промовираше отворањето на нова градска лабoрaторија која ќе придонесе за развој на биотехнологии во нашата држава. Во овој панел, се споделија, детални информации околу програмата за стартапи кои работат со биотехнологии.

    Денот заврши со опуштен разговор со Вања Јосифовски, искусен претприемач со децениско искуство во технолошката индустрија, основач на стартап Kumo, кој бил и дел од тимовите на најголемите технолошки гиганти, вклучувајќи ги Google, Airbnb, Pinterest и Yahoo. Вања го сподели своето лично искуство и понуди важни совети за тоа како да се истрае низ подемите и падовите на претприемништвото.

    Вториот ден од конференцијата опфати сесии со Venture Capital, Vitosha Venture Partners, South Central Ventures, Driton Musoli – Angel investor и Про, каде се дискутираше за можностите за пристап до финансии. Се одржа и панел за улогата на акцелераторите како врска помеѓу идеите и инвестициите каде зборуваа претставници од GIZ, Бизнис акцелераторот на УКИМ и стартапот Impala. На работилниците на вториот ден, присутните дискутираа со експерти за стратегии за задржување на талентот во компаниите, а се стекнаа и со основни даночни знаења. Глобални стартапи кои се претставија во текот на вториот ден од конференцијата се 3-Lateral и NVIDIA.

    На конференцијата учествуваа повеќе од 200 претставници, меѓу кои и студенти од пет факултети во земјава, како идни носители и двигатели на стартап заедницата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично