Менаџерскиот тим на Комерцијална банка успешно ја менаџира банката и оваа 2021 година каде за девет месеци успеа да ја зголеми добивката за 3,4% споредбено со истиот период лани и да прокнижи 22 милиони евра на своето конто..
Какви се очекувањата на менаџментот на банката за периодот што следи?
Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност до крајот на 2021 година се условени од динамиката на опоравување на стопанството од здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19.
Растот на глобалната економија се карактеризира со исклучителна неизвесност, при што се забележуваат дивергентни движења гледано по одделни економии и сектори, а исто така благо нагорно придвижување бележи и глобалната инфлација. Проекциите на ММФ за глобалниот раст во 2021 година изнесуваат 6,0%, додека во евро-зоната растот се очекува да изнесува 4,4%. Согласно пролетните проекции од НБРСМ, економската активност во 2021 година се очекува да заздрави, при што растот е проектиран на 3,9%, додека стапката на инфлација е проектирана на 2,2%.
Реализацијата на макроекономските проекции е придружена со ризици кои се поврзани со долготрајноста и последиците на здравствената криза, интензитетот на ефектите врз економијата и резултатите од економските мерки за нејзино ублажување, како и ризиците поврзани со евроинтеграциските процеси и задржувањето на политичката стабилност во земјата.
Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза.