Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, ќе присуствува на состанокот на Холандската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светската банка, којшто годинава ќе се одржи од 14 до 16 септември во Сараево, Босна и Херцеговина.
На средбата под наслов „Од криза до закрепнување” ќе учествуваат високи претставници на ММФ и Светската банка, меѓу кои и Коен Давидсе, извршен директор на Светската банка и Пол Хилберс, извршен директор на ММФ, заедно со гувернери на централни банки и министри за финансии на земјите членки на Конституенцата. На состанокот на Конституенцата покрај гувернерката ќе присуствува и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе има свое излагање и на панел-дискусијата под наслов „Цената што треба да се плати: Како да се заузда инфлацијата? Перспективите на централната банка и на владата”. На панел-дискусијата поздравно обраќање ќе имаат Клас Нот, гувернер на централната банка на Холандија и Алфред Камер, директор на Европското одделение при ММФ. Покрај гувернерката, на панел-дискусијата ќе учествуваат и Амир Јарон, гувернер на Централната банка на Израел, Димитар Радев, гувернер на Централната банка на Бугарија, Михаи Пречуп, државен секретар при Министерството за финансии на Романија, а претседавач ќе биде Пјер Вунш, гувернер на Централната банка на Белгија.
Во Холандската конституенца, покрај Холандија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.