
На денешната собраниска седница за пратенички прашања, се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Ангелевска, која постави три прашања до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, од кои првото прашање се однесуваше на судско обвинителскиот систем, истакнувајќи дека има ниво на доверба кај граѓаните еднакво на статистичка грешка, притоа посочи дека се надева новиот јавен обвинител да ја врати довербата во правосудството.
„7 години владеење на СДС и ДУИ, беа донесени на власт со паролата Нема правда нема мир, и ако земеме да спомнуваме колку скандали се случуваа во судско обвинителскиот систем ќе напоменам само неколку. Оние театрални, циркуски прес-конференции на таканаречените три грации од СЈО. Политичкиот прогон којшто го правеа тандемот Рускоска-Кацарска. Имавме избор на обвинител за организиран криминал кој никој го познаваше, или неправда, селективност, корупција тоа се зборови, симбол за еден длабоко еродиран систем. Пред една недела во четвртокот имавме предлог за избор на јавен обвинител, кој се надеваме дека ќе ја врати довербата во правосудниот систем. Интересно е што опозицијата немаше забелешка за биографијата на кандидатот, но сепак не го даде својот глас, моето прашање е кое се вашите очекувања од работата на новоизбраниот државен јавен обвинител?”, вели Ангелевска.
Второто прашање на пратеничката се однесуваше на областа за енергетиката, како столб на економијата на едно општество, потенцирајќи дека СДС го довеле енергетскиот сектор до руина, и ги истакна бројните инвестиции кои Владата уште на почеток ги направила за постепен трансфер кон зелена енергија.
„Оние кои ги доведоа енергетски капацитети во земјата буквално во руина, ги направија ЕСМ и МЕПСО најголеми загубари, нешто што бара дополнителни, вонредни напори за да се излезе од кризата. Оние кои увезуваа јаглен со фирми, формирани неколку дена пред јавната објава или во текот на јавната објава. Првиот ден од кога се формираше Владата, веќе се најави нова инвестиција во Штип, Карбинци и Радовиш, ветерниот парк, бројни инвестиции кои значат постепен трансфер кон зелена енергија. Каква е состојбата во енергетиката во Македонија но и во пошироки размери? Дали има одредени предвидувања за состојбата со енергијата на пошироко ниво?, праша Ангелевска.
Ангелевска ги истакна реализираните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, како што се линеарното зголемување на пензиите од 5000, постојаното зголемување на платите, воедно третото нејзино прашање се однесуваше токму за зголемувањето на платите во образовниот сектор.
„Едно од нашите ветување беше постојано зголемување на платите и имаме 10% зголемување на платите на полициските службеници, социјалните работници околу 20%, преку посебни колективни договори генералниот секретаријат и СОЗР околу 30% зголемување итн. За колку проценти ќе се зголеми платата на просветните работници, со исплатата на мартовската плата во април?, праша Ангелевска.
Аналитика








