Кандидатите за градоначалник на Скопје од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ Ѓорѓиевски и Шукова со своја визија за јавната чистота и проблемот со депонијата „Дрисла“.
Ѓорѓиевски најавува спроведување на „Моделот Љубљана“ што би значело современа фабрика за рециклажа, со енергетско искористување на гасот за добивање струја и греење, пропратено со проширување на топлификационата мрежа и воведување на „паметни“ контејнери. За Дрисла, Шукова наведува примена на три итни стандарди: сериозно зафаќање на метанот, сериозно зафаќање на исцедокот и воведување стандарден режим на затрупување. Ова би се спровело паралелно со регионален систем за селекција и рециклажа на отпадот.
ШУКОВА
„Јас ќе се осврнам на три фактори. Едното е дека мора да направите сериозно зафаќање на метанот, односно на гасот кој што се создава во депонијата. Мора да направите сериозно зафаќање на исцедокот, односно на отпадните води од депонијата бидејќи тие ги загадуваат и подземните води и почвата околу депонијата, знаеме дека таму имаме неколку водни дела. И мора да направиме сериозно затрупување на отпадот, бидејќи постојат пракси, тие се познати, само треба да ги примениме тука.“
ЃОРЃИЕВСКИ
„140 милиона евра чини фабриката за рециклажа во Љубљана, која што беспрекорно добро, претпоставам и Каја е запознаена со истото, беспрекорно добро функционира. Имате систем на рециклажа во самата фабрика, одгасувањето, гасот се користи, сакате за производство на електрична енергија, сакате за затоплување. Ќе влијаеме сериозно на подобрување на амбиенталниот воздух, мораме да ја прошириме мрежата на топлификација.“
Притиснете „Subscribe“ и следете нè