За 35-40% од амбалажниот отпад кој се создава во Македонија никој не плаќа надомест. Тоа значи дека постои сеуште голем број на компании кои не плаќаат никаде за селекција и собирање на нивниот амбалажен отпад. Тоа е над 1,5 мил. евра помалку секоја година доколку се вложува во системи како Пакомак, или неколку пати повеќекратна штета, доколку тие одат за буџетот.
Денес постојат законски предуслови за тоа, и потребно е само инспекциите поревносно да работат, и да ги стават во законска рамка овие компании, велат од Пакомак.
Според нив контрадикторно е кога некој како директор или сопственик на компанија не сака или ескивира да плаќа за отпадот кој го создава со работењето на неговата компанија, а потоа таа иста личност, сега како граѓанин, најгласна е во барањата за почиста животна средина и се жали на институциите!? Кога секој директор ќе размислува како општествено одговорен граѓанин кој си ја сака земјата и природата во неа, тогаш ќе ја немаме и оваа појава на евазија на давачките за екологија.
Исто така и граѓаните треба да разберат дека модерното управување со отпад не е ефтино, најмалку бесплатно! Не е реално за сметка од 150-300 денари по дом, да се очекува собирање и третман на отпадот како во Шведска или Германија. Градоначалниците не треба да се водат по краткорочни популистички планови за отпадот и да се плашат да ја зголемат цената на комуналните услуги во своите општини. Просечните сегашни цени за собирање на отпад треба да се зголемат најмалку за 50%, односно за 100-150 денари по семејство месечно. Тоа е откажување од едно или две испиени кафиња во кафуле!
Граѓаните нема да се бунат ако од тие пари видат нови контејнери на своите улици, нови камиони, добијат подобра услуга, редовно собирање на отпадот и почиста околина. Но, секако ќе се бунат за повисоките сметки ако тие екстра пари се користат за непродуктивни партиски вработувања во јавните комунални претпријатија. Регионалниот пристап во управувањето со отпад е добро решение и градоначалниците треба да го поддржат без политички калкулации, сметаат од Пакомак.
Во 2019, 2020 и 2021 преку системот на Пакомак просечно се собраа околу 25.000 тони отпад од пакување, со стапка на рециклирање од 55-60% во однос на пуштениот отпад од пакување, и тоа само од компаниите кои се членки на системот на Пакомак. Бројките покажуваат дека освен рециклирање на хартијата, расте собирањето и рециклирањето на пластиката, стаклото и алуминиумските лименки. Но за да се затвори кругот и сите ние навистина да ги почувствуваме придобивките од здравата и чиста животна средина, сите треба да се однесуваме поеколошки. Изјава од интервју во магзинот Економија и Бизнис.