Работниците, вработените во јавниот сектор, во текстилната индустрија, во МВР и Армијата – сите да се приклучат на протестот за повисоки плати. Треба да дојдат и младите и пензионерите, зашто без повисоки работнички плати нема одржлив пензиски систем, ниту услови да се остане во земјава. Повикот за што поголема масовност на утрешниот протест го упати претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов со порака – доколку на улица излезат 160 илјади работници, минималната плата ќе биде многу повеќе од 600 евра.
„Утре е денот кога работниците повторно зборуваат. Колку ќе нѐ слушнат, зависи од нашата бројност. Ние ја имаме моќта на бројноста, тие ја имаат моќта на политиката, другите ја имаат моќта на парите“, нагласи Трендафилов.
Воедно, укажа дека во овие 24 месеци вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10 илјади денари, а усогласувањето на минималната плата што „го дава Владата“ е 1.600 денари.
„Ве повикуваме да ги поддржите вашите семејства, да ги поддржите вашите деца, да ги поддржите вашите внуци, да излезете на улица и да им покажете дека не се плашите и дека барате платата да ви се зголеми, вашата плата да се зголеми“, порача Трендафилов
Како што рече, барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано, затоа што работниците тонат во сиромаштија. Притоа, повторно посочи на податокот од УЈП, дека околу 160 илјади работници примаат плата под прагот на сиромаштијата, утврден на 31.200 денари.
Според Трендафилов, голем број работници се пријавиле за организираниот превоз за утрешниот протест.
Аналитика








