ПОВЕЌЕ

    Спасијка Ефтимоска I Зајакнување на финансиската иднина: Улогата на банките во справување со предизвиците на финансиската писменост

    Време зa читање: 6 минути

    Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди.

    М-р Спасијка Ефтимоска, Самостоен координатор за односи со јавност и Заменик-претседател на Координативното тело за општествена одговорност на Комерцијална банка АД Скопје

    Во денешниот свет парите се движат побрзо од кога било, со неколку клика и ултра модерни и функционални апликации, така што финансискиот пејзаж е доста возбудлив, но и исполнет со сериозни предизвици. Во оваа динамична трансформација, финансиската писменост повеќе не е луксуз – таа е неопходност затоа што финансиските одлуки сè се покомплексни, дигиталните алатки го менуваат начинот на управување со парите, а демографските промени и променливите очекувања длабоко го трансформираат целиот финансиски сектор.

    Генерално, финансиската писменост на населението е важен фактор за економски напредок на секое општество, но во услови на динамични промени во финансискиот сектор и на дигитална (р)еволуција, предизвиците во овој домен се многу поголеми и позначајни.

    Особено во мала и динамична економија, во која банките чекорат во ритам со глобалните трендови, а населението секојдневно користи паметни уреди. Најголемиот предизвик веќе не е пристапот до финансиски услуги, туку нивното разбирање и свесно користење затоа што финансиската писменост во општеството не е на посакуваното ниво, а финансиската инклузија е на релативно високо ниво.

    Кои се главните предизвици кои денес ја дефинираат потребата од финансиска писменост, но го моделираат и самиот концепт на финансиска едукација?

    Демографски промени – животниот век се зголемува и луѓето треба да изградат доживотна финансиска отпорност. Младите (генерација Z, Милениумците и Gen X) влегуваат на пазарот на финансиски услуги порано од претходните генерации, а нивната финансиска писменост е пониска од таа на претходните генерации, покажуваат истражувањата на Светскиот економски форум.

    Безбедност, избор и задоволство – младите не бараат само беспрекорен производ или услуга, туку голем избор на финансиски решенија со кои ќе се чувствуваат безбедни онлајн и сигурни во исполнувањето на тековните и идните финансиски обврски, како и сеопфатни, персонализирани и непристрасни совети за сите нивни финансиски потреби. Особено треба да се има предвид дека од една страна младите сакаат да завршат работа без посета на банка, но од друга страна сѐ уште се скептични кога станува збор за безбедноста на дигиталниот идентитет и на дигиталните трансакции.

    Технолошки иновации и вештачка интелигенција – очекувањата на клиентите од понудата на банките постојано се зголемуваат во насока дека технолошките иновации треба да го растоварат нивното секојдневие, да ја зголемат нивната ефикасност и продуктивност и да им ги намалат трошоците за финансиски услуги. Тоа истовремено бара од банките преку интуитивни, ефикасни и едноставни мобилни и веб платформи да им помогнат полесно да ги усвојат новите дигитални производи и услуги.

    Во ваков контекст, банките имаат суштинска улога во унапредување на финансиската писменост преку различни активности насочени кон граѓаните, а особено кон младите. Младите бараат иновативни пристапи затоа што не ги доживуваат банките како обичен давател на финансиски услуги, туку како партнер во градењето финансиски освестени и одговорни личности, но во моментот кога тие ќе оценат дека имаат потреба од финансиски производ или услуга.

    Затоа банките имаат одговорност не само да ги обезбедуваат најсовремените финансиски услуги, туку и да придонесуваат во образованието на клиентите за нивно правилно и безбедно користење. Тие се чувари на финансиското знаење и безбедност и го имаат клучот за информирање и едуцирање на населението.

    Во тој поглед, банките преземаат или може да преземат различни активности кои значат финансиска едукација, со посебен акцент на младите, затоа што за жал тие не ја добиваат потребната финансиска писменост низ образовниот процес.

    Комерцијална банка уште во 2019 година го иницираше проектот „Финансиска училница“, која има за цел да им обезбеди на децата знаење за финансиските продукти и нивната практична примена, како и за потенцијалните ризици од нивното користење. Финансиската училница ги учи децата и младите за улогата на парите во секојдневниот живот, значењето на штедењето како корисна навика за цел живот и за финансиска независност, правилно користење на финансиските продукти и избегнување на потенцијалните ризици, за ефикасна грижа за личните финансии и користа да се има добар кредитен рејтинг, за бенефитите и предностите на дигиталното банкарство и како безбедно да вршат онлајн трансакции. „Финансиската училница“ веќе едуцираше 1.750 ученици во 27 основни и 16 средни училишта, како и стотина студенти.

    Од оваа година, финансиско знаење споделуваме и преку КБ Блог – новата страница на kb.mk наменета за сите кои сакаат да научат повеќе за паметното користење на банкарските производи и услуги и да уживаат во својата финансиска слобода. Блог страницата содржи корисни информации за сите – без разлика дали ги прават првите чекори во светот на личните и бизнис финансии или сакаат да го збогатат своето знаење, да ги дознаат новитетите и да пронајдат успешни и паметни решенија.

    Со КБ блог сакаме да ја направиме финансиската писменост достапна и разбирлива за сите затоа што секој заслужува да има знаење и алатки за да донесува подобри финансиски одлуки и да создаде сигурна иднина за себе и за своето семејство. Оваа страница содржи едукативни статии, напишани на разбирлив и практичен начин, за правилно користење на банкарски производи и услуги во секојдневниот живот и во бизнисот, совети за паметен избор на финансиско решение, информации за безбедно дигитално банкарство и за заштита од финансиски измами, најнови трендови и случувања во светот на финансиите пренесени од стручниот и искусен КБ тим.

    Имајќи предвид дека социјалните платформи се местото кое го окупира целото внимание и најголем дел од времето на децата и младите, тие исто така се погодни и пожелни за едукативни објави и кампањи за безбедност во дигиталното банкарство со цел да ги информираат и едуцираат граѓаните како да се заштитат од финансиски измами. Обврска и одговорност на банките е да останат чувари на финансиското знаење на социјалните мрежи затоа што таму се појавуваат и инфлуенсери кои не се секогаш квалификувани финансиски советници и може да ги доведат граѓаните во заблуда, па и на погрешни одлуки. Истражувањата покажуваат дека платформите како FinTok (финансиска содржина на TikTok) стануваат значајни извори на финансиски совети, особено кај Gen Z и Милениумците.

    Актуелни се и дигиталните платформи за финансиска едукација, на кои преку интерактивни мобилни апликации за финансиско образование корисниците ги запознаваат основните финансиски концепти. За да има ефект од овие платформи, тие повторно треба да го привлечат и задржат вниманието на младите за да ги користат и да стекнат финансиско знаење преку нив.

    Имајќи ги предвид сите овие околности и комплексни аспекти на финансиската едукација како суштински процес за напредокот на едно општество, како и својата определба да им помогне на граѓаните да си обезбедат финансиска стабилност, Комерцијална банка останува силно посветена на финансиската едукација.

    Извор: kb.mk

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично