Собранието на Република Македонија денеска ги усвои измените на Законот за Царинската тарифа, со кои се намалуваат царинските стапки за 67 производи, претежно суровини и репроматеријали, со цел поддршка на домашната индустрија.
Истовремено, измените предвидуваат и целосно укинување на царинските давачки за увоз на стоки со потекло од Соединетите Американски Држави. Овој чекор е дел од реализацијата на Програмата за работа на Владата 2024–2028, насочена кон постепена хармонизација со царинските правила на Европската унија и прилагодување кон потребите на македонското стопанство.
Законот е изработен во соработка со Стопанските комори и е продолжение на досегашните политики за унапредување на деловното окружување. Главната цел е зголемување на конкурентноста на македонските компании, стимулирање на извозот и привлекување на странски инвестиции, особено во сектори како што се преработувачката индустрија, металургијата, автомобилската индустрија и енергетиката.
Во рамките на измените, царинските стапки се намалуваат за 50% од разликата меѓу постојните и европските тарифи, во согласност со правилата на Светската трговска организација.
Особено значајна е мерката за намалување на царинските давачки за литиум-јонски батерии за складирање електрична енергија, што се оценува како поддршка за развој на енергетскиот сектор и транзицијата кон обновливи извори.
Со целосната либерализација на трговијата со САД, Владата очекува зајакнување на конкуренцијата, поддршка на домашните потрошувачи и дополнително продлабочување на стратешкото економско партнерство со Вашингтон.