
Состојбите во градежништвото не се најдобри, и покрај позитивното придвижување забележано од статистиката на месечно ниво. Во текот на август се издадени 344 одобренија за градење, што е повеќе од јулските 280. Сепак, за една година има пад од девет проценти.
Врз основа на издадените дозволи, предвидената вредност на објектите што ќе се градат изнесува 7.038.158 илјади денари, односно 114 милиони евра. Тоа претставува намалување за 23,7 отсто споредено со истиот месец од претходната година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Инвеститорите манифестираат најголем интерес за објектите од високоградбата, за што добиле 157 одобренија, кои зафаќаат 45,6 проценти од сите дозволи. Понатаму, 121 (35,2%) се за објекти од нискоградба и 66 (19,2 %) се за реконструкција.
Од аспект на инвеститорите, пак, доминираат приватните лица – 180 (52,3%). Фирмите или деловните субјекти се јавуваат како инвеститори на 164 објекти (47,7%).
Гледано територијално, најмал број одобренија се побарани и издадени во Североисточниот регион – само осум, а најмногу во Полошкиот – 109. Помеѓу се Пелагонискиот со 25, Вардарскиот со 29, Југозападниот – 30, Југоисточниот – 42, Источниот – 44 и Скопскиот со 57 дозволи.
Со добиените дозволи треба да се изградат 943 станови на вкупна корисна површина од 66.791 метар квадратен.
Најмногу станови – 527 ќе добие Скопје, односно Скопскиот регион, а ќе опфатат површина од 29.820 квадрати. Вообичаено, најголемиот дел се со локација во Центар – 253 со вкупна квадратура од 14.621, иако во јули оваа општина на кратко заостана зад Сарај.
Познато е дека оваа дејност се соочува со голем одлив на работната сила. За само една година земјава ја напуштиле 12 илјади градежни работници.
Аналитика








