
Македонската монетарна политика ја водат жени. Потврда за то доаѓа и од ОМФИФ – Британскиот официјален форум на монетарни и финансиски институции, кој ја рангира Народната банка како прва во светот меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените на раководни позиции. Ова е дел од објавата посветена на Индексот на родова еднаквост во финансиските институции за 2022 година, со кој веќе десет години се реализира рангирањето од овој вид.
Во објавата за застапеноста на жените во раководните структури на Народната банка се истакнува дека 70 отсто од раководните позиции ги извршуваат жени.
На листата на ОМФИФ со најголема застапеност на жените на раководни позиции се федералните резерви на Сан Франциско, Чикаго, Минеаполис и Кливленд, централните банки на Австралија и Норвешка, а од регионот – Србија. Според извештајот, во светски рамки само 22 жени се на чело на централните банки, за една повеќе во однос на претходната година. Состојбата е речиси иста како и во 2013 година, кога е востановен овој индекс, штоукажува на многу бавни промени на ова поле во светот на финансиите.
Индексот на ОМФИФ ја мери родовата еднаквост во 336 институции – 186 централни банки, 50 пензиски фондови, 50 суверени фондови и 50 комерцијални банки ширум светот, во согласност со застапеноста на мажите и жените меѓу вработените, стажот, како и позицијата што ја имаат во организацијата. Според последните податоци, родовата еднаквост се подобрува, но многу бавно за еден до два поени, а најдобар резултат има кај пензиските фондови.
Од 336 институции само 14 отсто се предводени од жени, што е минимално подобрување на резултатот во однос на 2021 и 2022 година (13,3 и 13,7 проценти). Во извештајот се наведува дека со ова темпо ќе бидат потребни 140 години за да се надмине јазот меѓу мажите и жените.
Аналитика








