
Изминатите неколку години, централните банки успешно се справија со неколку сериозни и последователни шокови, успевајќи да ја смират инфлацијата, но и да ја одржат и да ја зајакнат финансиската стабилност. Сепак, неизвесноста во светски рамки сѐ уште е исклучително висока, поради постојаните геополитички тензии, трговските војни, како и поради брзиот пробив на новите технологии, коишто покрај низата предности, носат и одредени ризици.
Неодамнешното избувнување на војната на Блискиот Исток значително го нарушува светскиот контекст, создавајќи ризици за повторен раст на светската инфлација и за влошување на економските изгледи во светот. Во вакви услови, централните банки и натаму треба да бидат фокусирани на одржувањето на ценовната и на финансиската стабилност, покажувајќи ја способноста за соодветно справување со можните шокови. Напоредно со ова, сѐ побројните дигитални иновации и пробивот на вештачката интелигенција ги трансформираат финансиските системи, коишто се обидуваат да воспостават рамнотежа меѓу поддршката од технолошкиот напредок и одржувањето на стабилноста.

За ова се зборуваше на почетокот на Меѓународната конференција на високо ниво, во организација на Народната банка, во соработка со Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum) на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост”.
Конференцијата ја отвори гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, а воведно обраќање имаше и премиерот Христијан Мицкоски.
Во своето обраќање, гувернерот д-р Трајко Славески нагласи дека стабилизираната инфлација, солидните девизни резерви и стабилниот банкарски систем овозможуваат поголема отпорност и поголема можност за реакција на централните банки на нoвите светски предизвици.

„Инфлацијата во регионот на Западен Балкан е значително намалена, од околу 15%, во просек, во 2022 година, на приближно 3,6% на крајот на 2025 година, при што процесот на дезинфлација е постигнат без предизвикување рецесија или нарушување на финансиската стабилност. Ова е резултат на навремените и координирани мерки на централните банки, насочени кон стабилизирање на инфлациските очекувања. Покрај ова, кај нас, нивото на девизните резерви е зголемено за околу 70% во однос на претпандемичниот период, при што тие обезбедуваат добри услови за ублажување на надворешните шокови и за поддршка на стабилноста на девизниот курс”, истакна гувернерот Славески, посочувајќи дека банкарскиот сектор во регионот ја задржа стабилноста, а неговата отпорност е зголемена, со високо ниво на капитална адекватност од 19,4% и ниско учество на нефункционалните кредити од 2,8%.
„Овие показатели укажуваат на солидна основа за справување со потенцијалните ризици со внимателно осмислени политики. Стабилноста мора да биде нашето сидро и во услови на светски промени”, истакна гувернерот нагласувајќи ја потребата од кредибилни политики и силни институции за справување со идните предизвици.
Премиерот Христијан Мицкоски, во своето излагање, посочи дека живееме во време на длабоки и брзи светски промени, во кое економските текови, финансиските пазари и безбедносните предизвици се испреплетуваат повеќе од кога било досега, при што улогата на централното банкарство станува уште поважна – не само како чувар на ценовната стабилност, туку и како столб на довербата, стабилноста и на економската отпорност.

„Отпорноста е клучниот збор на нашето време. Отпорност значи способност да се издржат шоковите, но и да се излезе посилен од нив. Тоа значи диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите. Централните банки се во срцето на оваа отпорност. Гувернерите мора да ги почитуваат законите и да бидат дел од движечката сила. Денес, повеќе од кога било, ни е потребна координација меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери. Светските предизвици бараат заеднички одговори. Само преку соработка можеме да изградиме систем којшто ќе биде стабилен, иновативен и подготвен за иднината”, истакна премиерот Мицкоски.
Во рамките на Конференцијата се одржуваат повеќе панел-дискусии посветени на макроекономските политики и справувањето со кризи, дигитализацијата и иновациите во финансискиот систем, како и финансиската стабилност и макропрудентните алатки.
На настанот учествуваат гувернери, претставници на централните банки и на меѓународните институции.
Конференцијата може да се следи во живо на каналот на Народната банка на „Јутјуб”.
Аналитика








