ПОВЕЌЕ

    Македонија забележа најголемо подобрување во преживувањето на децата на глобално ниво

    Време зa читање: 3 минути

    Скопје, 19 март 2025 година – Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) ја поздравуваат Северна Македонија за напредокот постигнат во намалувањето на смртноста кај новороденчињата и децата до петгодишна возраст во текот на изминатата деценија, позиционирајки ја земјата меѓу најдобрите во светот во остварувањето на Целта за одржлив развој 3.2.

    Овој напредок доаѓа во време кога глобалните достигнувања се значително забавени, при што секоја година има милиони смртни случаи на деца што можеле да се спречат. Иако многу земји доцнат со исполнување на глобалните цели, Северна Македонија покажува дека постојаната политичка заложба, цврстите политики и реформите на здравствениот систем засновани на докази може да донесат брзи и трајни резултати.

    Од 2015 година, Северна Македонија постигна најголемо подобрување кај преживувањето на децата во светот, намалувајќи ја неонаталната смртност за 87 проценти и смртноста кај децата под пет години за 75 проценти.

    Овие резултати се одраз на трансформацијата на грижата за мајките и новороденчињата, предводена од државата. По скокот на смртни случаи кај новороденчињата во 2015 година, Министерството за здравство – поддржано од СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА – брзо ги зајакна услугите за итна акушерска и неонатална грижа, ги ажурираше клиничките протоколи, ги подобри практиките за неонатална реанимација и превенција на инфекции, ги унапреди системите за упатување и ја зајакна стручната грижа при породување. Реформите подоцна беа институционализирани преку Генералниот (мастер) план за перинатална грижа 2020-2030 и рутинските ревизии на перинаталната смртност, втемелувајќи одговорност, учење и нега заснована на проценка на ризикот на сите нивоа во системот.

    Во иднина, одржувањето на постигнатиот напредок ќе бара постојан фокус врз квалитетот, правичноста и отпорноста на системот – обезбедување високи стандарди на грижа во сите установи, зајакнување на континуитетот на грижата од бременоста до раното детство, намалување на нееднаквоста за ранливите групи, поддршка на квалификувана здравствена работна сила, и користење податоци и ревизии за да се поттикне континуирано подобрување. Заштитата на семејствата од финансиски бариери и обезбедувањето универзален пристап до основни здравствени услуги за мајките и децата ќе останат од суштинска важност.

    Искуството на Северна Македонија потврдува јасна глобална поука: цврстите политики и докажаните интервенции засновани на докази спасуваат животи. Квалитетната пренатална нега, квалификуваниот здравствен персонал при породување, ефикасните системи за упатување и континуираното следење на исходот остануваат меѓу најефективните и најисплатливите инвестиции што земјите може да ги направат.

    Во време на забавување на глобалниот и регионалниот напредок, Северна Македонија претставува моќен пример за трансформација на здравствениот систем што дава резултати и потсетник за вложување во здравјето на мајките, новороденчињата и децата со цел да се обезбеди отпорност, рамноправност и квалитет за идните генерации.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично