ПОВЕЌЕ

    Македонија гласаше: ВМРО-ДПМНЕ слави победа со водство во 53 општини

    Време зa читање: 4 минути

    Државната изборна комисија ги обработи речиси сите гласачки места и до 14 часот, според податоците што ги емитува во живо, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ има водство со свои кандидати во 53 општини, Коалицијата ВЛЕН во 9, Коалицијата СДСМ во 8, ДУИ во 5 и ДП на Турците 1.

    По изборите, во доцните часови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски рече дека „Македонија не избра партија, туку насока, избра вредност, избра луѓе кои веруваат во работа, а не во зборови“.

    -Но, оваа убедлива победа е само почеток на новата македонска енергија, мирна, одлучна, праведна. Во овие недели покажавме дека политиката може да има поинакво лице без навреди, без гнев, омраза, со достоинство, со поглед право во очи, со дела наместо со празни ветувања. Граѓаните го препознаа тоа вечерва и со убедливо мнозинство ја потврдија својата доверба. Не заради нас, туку заради себе, своите семејства, својата иднина – истакна Мицкоски.

    На локалните избори, во прв круг беа избрани градоначалници во 44 општини, додека во 33 ќе се гласа во втор круг. Во три општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус.

    Според податоците на Државната изборна комисија, градоначалници во прв круг се избрани во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип, Арачиново, Желино, Сарај, Теарце, Чаир, Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Гостивар, Липково, Пласница, Чашка

    Општините каде ќе се гласа во втор круг се Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Боговиње, Дебар, Долнени, Тетово, Крушево, Лозово, Росоман, Центар, Чучер Сандево, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани, Град Скопје

    Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

    Во Старо Нагоричане сè уште е неизвесно дали ќе има втор круг, бидејќи кандидатот што предводи засега има освоено 50 проценти.

    Кандидатот Левица Амар Мециновиќ ќе оди во втор круг за градоначалник на град Скопје заедно со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, синоќа на прес-конференција изјави дека неговата партија станува новиот лидер на опозицијата во Македонија, нагласувајќи го континуираниот раст на поддршката од граѓаните во последните изборни циклуси.

    – Од 8 кандидати за градоначалници во 2021 година, сега имаме 20. Од 38 советнички листи – 53, во вкупно 80 општини. Од 50.000 гласови пораснавме на над 75.000. Од 48 советници, сега имаме над 70 советници. Тоа покажува стабилен раст и јасен сигнал дека Левица е сериозен политички фактор – изјави Апасиев.

    Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера им честиташе на сите градоначалници што победија во првиот круг од локалните избори. Тој на прес-конференција во партиското седиште кажа дека СДСМ во прв круг победи во Крива Паланка, Кривогаштани и во Богданци, но има и други општини каде што е во водство.

    -Овој резултат не е тој што го посакувавме, но во неколку општини имаме значително зголемување на бројот на гласовите, што се должи на консолидацијата на партијата – рече лидерот на СДСМ.

    Лидерот на ДУИ Али Ахмети по изборните резултати не се појави со вообичаениот прес во Мала Речица. Кандидатот за градоначалник на скопската Општина Чаир од коалицијата Вреди, Изет Меџити, вечерва прогласи победа уште во првиот круг од локалните избори и го повика Ахмети да е повлече.

    -На ДУИ и на Ахмети, кои се залагаа за легитимитет, им честитам за победата во Пласница, додека во другите општини убедливо води Вреди. Во Чаир сме тука да ја прославиме победата на Вреди уште во првиот круг. Тие посакуваа да се мериме во Чаир и во Тетово, но и таму убедлива победа ќе издвојува Вреди – изјави Меџити.

    Вториот круг на гласање ќе биде одржан на 2 ноември.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично