Рецесијата која ја одбележа македонската економија во 2020 година како резултат на КОВИД-19 пандемијата продолжи и во првиот квартал од 2021 година. Во првите три месеци од годината падот на БДП изнесуваше 1,9% како директна последица од третиот бран на пандемијата кој беше проследен со негативни мерки. Падот во овој период е резултат на намалувањето на бруто инвестициите и јавната потрошувачка, додека раст беше забележан во секторот градежништво, дејности со недвижен имот и земјоделство. Заздравувањето на економијата кој се очекува во 2021 година, се проценува дека ќе започне најрано есента, но сепак враќањето на претпандемиско ниво на раст, економијата се очекува да го прикаже во 2022 година, под претпоставки на враќање на тековно функционирање на глобалните канали на снабдување, кои имаат значително влијание врз индустријата и извозно ориентираното производство, како и на воведувањето на нови мерки на ограничување.
Согласно најновите предвидувања од домашните и странските институции макроекономскиот изглед на среден рок е позитивен но сепак условен од високи негативни ризици кои произлегуваат од неизвесноста за времетраењето на пандемијата и покрај оптимистичките најави за вакцинација. Земајќи ги во предвид проекциите за економски раст, македонската економија во 2021 година се очекува да оствари позитивен раст кој би се движел помеѓу 3,6%-4,1%, при очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка. Умерен притисок сe очекува и на инфлацијата, земајќи ги во предвид зголемувањата на цените во обид да закрепнат економиите како на глобално така и на домашно ниво и тоа првенствено на порастот на глобалние цени на енергија и цените на храната. Буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9% од БДП на крајот на 2021 година, но дополнителната државна помош на населението и компаниите најавени во 2021 година, ќе реализираат повисок буџетски дефицит.
Во таа насока, НЛБ Банка АД Скопје, како втора системски значајна банка и трета банка по големина во Р.С.Македонија, постојано го следи развојот на кризата, влијанието на банкарските финансиски позиции и следствено проактивно ги прилагодува своите деловни операции. Банката редовно превзема мерки за заштита на своите клиенти и нуди најоптималните решенија, а како современа и креативна банка, ги следи светските технолошки трендови, истовремено насочувајќи ги своите ресурси кон позитивните придобивки од кризата како што се забрзаната дигитализација и развојот на нови бизниси, проследено со континуирано унапредување на банкарските процеси.
Истовремено, Банката ќе се стреми кон одржување или зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република С.Македонија во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста. Како и досега, Банката интензивно ќе работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на развој на информатичкиот систем на Банката.