Градежната комора на Македонија го одржа годишното собрание на кое за свој претседател го реизбра генералниот директор на “Голден Арт”, Ивица Јакимовски. Воедно, во согласност со Законот за стопански комори, како и во согласност со Статутот на Градежната комора, на предлог на Управниот одбор донесе одлука со која го замрзнува своето членство во Сојузот на Стопански Комори на Македонија и во иднина ќе делува и настапува самостојно.
“Ова се специфични времиња со голем број предизвици кои треба да се премостат, да се преживеат со што помали загуби и од истите да се извлечат важни поуки за идното делување. Имајќи го предвид сето ова, Управниот одбор на Градежната комора на Македонија излезе со став дека во иднина треба да делува самостојно и надвор од системот на Сојузотна Стопански Комори, со цел најдобро да го штити и унапредува работењето на своите членки. Сега повеќе од било кога е потребна силна меѓусебна соработка, јасна и ефективна комуникација со институциите, како и антиципирање и адекватна рана реакција на било какви потреси од пошироки размери кои би имале директна импликација врз градежниот сектор на сегашните и идни проекти кои ги имаат под своја надлежност нашите членки. Покрај сите актуелни и идни предизвици, градежништвото останува двигател на уште 27 индустриски гранки кои директно влијаат на економскиот раст, а со тоа и на движењето на севкупната општествена економија. Согледувајќи го фактот за важноста на градежниот сектор во вакви клучни периоди за економијата, неминовно е истиот да биде основата за пребродување на постоечките кризи и потпора за растот кој треба да следи– истакнува претседателот на Градежната комора Јакимовски.