ПОВЕЌЕ

    Владата е најотворена во регионот, но стагнира во напредокот

    Време зa читање: 4 минути

    Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември, преку промоција на резултатите од Индексот на отвореност на извршната власт. Овој ден нè потсетува на важноста на концептот на отворена влада кој опфаќа широк спектар на политики и практики кои овозможуваат нови начини на владеење и промовираат добро управување. Отвореноста, како пристап и како вредност, овозможува подобро донесување одлуки, намалување на корупцијата и поефикасни јавни услуги за граѓаните. Преку транспарентноста, пристапноста, ефикасноста и интегритетот на инститциите, како принципи на демократското управување, и најновите резултати од истражувањето ја нагласуваме потребата институциите континуирано да ја унапредуваат својата отвореност кон граѓаните.

    Вкупниот резултат на извршната власт во Северна Македонија (Владата, министерствата и извршните органи) според Индексот на отвореност на извршната власт, во 2024 г има благ пад спореден со 2023 г., односно достигнува 63,71 % исполнетост на индикаторите на отвореност (споредено со 2023 г. кога достигна 67 %).

    Според Индексот на отвореност (2024), како и минатата година, Владата на Северна Македонија е најотворена институција меѓу групите од извршната власт, министерства и органи на државната управа, исполнувајќи 77,32 % од критериумите. Во споредба со минатата година има забележано пад од минимален 1 %, кој се повторува втора година по ред.

    Анализирано од регионален аспект (Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина), чиј просек на владите е 60,17 % исполнување на индикаторите, резултатот на македонската Влада е многу добар, бидејќи шест години по ред во регионот Владата на Северна Македонија е на првото место во исполнување на индикаторите, но стагнира во напредокот од година во година.

    За прв пат по 9 години, од кога се мери отвореноста на институциите, на второ место се извршните органи со 57,79 %, а со најнизок резултат според Индексот, односно 56,02 % исполнетост на индикаторите се министерствата (кои имаат пад на отвореноста од 8 % на индикаторите на отвореност споредено со минатата година).

    Кога станува збор за практичната отвореност на извршната власт во процесот на донесување одлуки, напредокот стагнира. Седниците на Владата сè уште не се отворени за јавноста, ниту се пренесуваат, а објавувањето на записниците по седниците не обезбедува доволно информации за начинот на кој одлуките се донесуваат. И покрај често користениот термин „проактивна транспарентност“, граѓаните сè уште немаат пристап до предлог документите по кои работи Владата, а пред да бидат донесени одлуките.

    Оваа година е нотирано дека кај сите министерства, освен кај три (Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа и Министерството за односи меѓу заедниците) има значителен пад на индикаторите на отвореност. Најголем пад на индикаторите на отвореност бележи Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

     

     

    Општ заклучок кој произлегува од набљудуваните институции во Индексот на отвореност  е дека ангажираноста и примената на стандардите за отвореност се на различно ниво кај различните структури на извршната власт и затоа концептот на отвореност неопходно е системски да се реши. Затоа, централните политики како Стратегија за транспарентност на Владата и утврдените минимални стандарди за јавна транспарентност и отчетност, треба да бидат прифатени и имплементирани од сите институции на централната власт. Неопходно е да се одделат финансиски средства за спроведување на оваа Стратегија и да се ангажираат дополнителни човечки капацитети со цел да се засили имплементацијата на предвидените активности.

     

    Од поединечното мерење на вкупно 40 институции Министерството за одбрана (83 %) остана водечка институција во Северна Македонија во однос на исполнувањето на индикаторите на отвореност, а по неа оваа година следи Државниот управен инспекторат (78,48 %) и Владата (77,32 %). Она што за жал е нотирано оваа година дека Министерството за одбрана кое минатата година беше најотворена институција во регионот, оваа година е на третото место во регионот.

    Владата, министерствата, но и секоја институција одделно, може да се води по Индексот на отвореност и да го користи како алатка за да го унапреди своето добро владеење.  Фокусот на институциите мора да биде кон проактивно објавување на сите документи во најотворениот достапен формат. Следствено, интернет-страниците треба да заземат централна позиција во сите политики за отвореност на институциите со цел да ги подобрат достапноста, како и квалитетот на информациите и податоците.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично