„Во овој момент, реалноста е дека долгот кон стопанството во име на ДДВ, неплатени обврски, надминува 150 милиони евра“, рече поранешниот вицепремиер за економски прашања и пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи во емисијата „Само Интервју“ на ТВ Канал 5.
Битиќи истакна дека наместо стопанството да се поддржи со свежи ликвидни средства, тоа се соочува три до шест месеци доцнење на повратот на ДДВ.
„Во овој момент приватниот сектор оперира многу тешко, за единаесет месеци реализираа едвај 125 милиони евра од 250 милиони евра кои Владата ги најавуваше на почетокот од мандатот за стопанство“, рече Битиќи и додаде дека имаме ситуација која потсетува на времето кога никој од стопанството не сакаше јавно да зборува, затоа што постоеше страв од репресивни мерки.
“Многу е проблематична изјава на министерката за финансии, во која вели дека јавниот долг го намалила за 30 милиони евра, а не кажува колку се неплатените обврски кон приватниот сектор. Ако тие се пет пати поголеми од тоа колку е намален јавниот долг, тогаш нас економистите не може да не убеди, затоа што јавниот долг го гледаме во проценти“, рече Битиќи.
Во однос на проекциите за растот на економијата, Битиќи нагласи дека не може, а да не очекувате раст на економија во која нема криза.
„Ние оставивме економија која беше на излез од енергетска и економска криза, која што донесе увезена инфлација со проценти кои никогаш не може да се замислат. Оставивме економија која полека се движеше со сите параметри нагоре. Инфлацијата од 18% ја намаливме на 2,2% инфлација, со проекција за наредните години меѓу 3 и 5%“, рече Битиќи.