ПОВЕЌЕ

    ЗОШТО НАРОДНАТА БАНКА ЈА МЕНУВА ОПЕРАТИВНАТА РАМКА и што значи тоа?

    Време зa читање: 3 минути

    Замислете ја монетарната политика како систем низ кој тече финансиска „вода“, односно ликвидност. Кога вентилите се поставени правилно, протокот е јасен, предвидлив и стигнува таму каде што треба – кај каматните стапки, кредитите, штедењето и, на крај, во економијата.

    Народната банка со новата оперативна рамка всушност ги преместува и редизајнира вентилите со цел сигналите што ги испраќа да патуваат побрзо и поефикасно низ системот.

    Како што објаснија од НБРМ, новата оперативна монетарна рамка има за цел поефикасно пренесување на монетарните сигнали кон пазарот на пари и зајакнување на трансмисискиот механизам. „Со скратување на рочноста на основниот инструмент на седум дена, централната банка обезбедува подиректно влијание врз краткорочните каматни стапки. Истовремено, се подобрува управувањето со ликвидноста во банкарскиот систем, без промена на општата поставеност на монетарната политика“.

    Што значи ова? Кога основниот инструмент има рок од само 7 дена, централната банка може многу побрзо да влијае на краткорочните каматни стапки. Порано, со рокови од 42 до 49 дена, ефектот доаѓаше побавно, како порака испратена по пошта, наместо по е-пошта.

    Како ова ќе влијае на банките? Тие постојано имаат „премногу“ или „премалку“ ликвидност. Со неделни аукции и пофлексибилна понуда на благајнички записи, НБРМ може многу попрецизно да ги „исчисти“ вишоците или дефицитот на пари во платниот систем. Пластично кажано, нема да се собира премногу залиха на пари што стојат неискористени.

    Овој модел веќе е познат во западноевропските монетарни системи. Со новата рамка НБРМ се приближува до моделот што го користат Европската централна банка, Англиската централна банка, ФЕД, каде краткорочните операции и симетричните коридори се стандард.

    Но, тоа е и уште еден чекор кон модернизација на монетарниот апарат во земјата.

    Што точно се менува?

    Основен инструмент – Благајнички записи со рок од 7 дена (наместо 42–49) и со фиксна каматна стапка од 4%.

    Симетричен коридор од ±0.5 п.п. – кој ги дефинира границите во кои се движат каматата на депозит преку ноќ и каматата на кредит преку ноќ.

    Тоа создава потранспарентна структура на каматни стапки и им кажува на банките: еве ги границите и сè што се случува на пазарот треба да се движи меѓу овие две линии. Кога коридорот е симетричен, банките имаат јасна слика за ризиците и трошоците. Тоа, пак, ја намалува волатилноста на краткорочните камати, што е добро за пазарот на пари.

    Монетарната политика работи како „ефект на домино“:

    1. Промена во каматата на основниот инструмент
    2. Краткорочните камати на пазарот реагираат
    3. Банкарските камати се приспособуваат
    4. Кредитирањето, штедењето и инвестициите реагираат
    5. Потоа цените и инфлацијата

    Со пократок рок и симетричен коридор, ова движење станува побрзо и почисто. Понудата на благајнички записи ќе се менува неделно, според проектираната ликвидност. Со тоа, Народната банка треба да спречи преголеми вишоци на ликвидност, што може да врши притисок за пад на камати, или недостиг на ликвидност што, пак, може да ги турка каматите нагоре.

    Со новата оперативна рамка, Народната банка го прави монетарниот систем поагилен, потранспарентен и усогласен со европските стандарди. Резултатот треба да биде поефикасно влијание врз каматните стапки, подобро управување со ликвидноста и посилна врска меѓу монетарната политика и реалната економија, а сето тоа без промена на генералната монетарна насока. Делува како технички потег, но има многу реални импликации за пазарите, банките, па и за граѓаните.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично