Законските предлози оценети како „уривачи на домашниот енергетски суверенитет“ се дел од дневниот ред на денешната 140. пленарна собраниска седница, како 27, 28, 29 и 30 точка. И покрај апелите на стручната јавност проследени до секој пратеник поединечно, малку е веројатно дека некој освен партискиот го слушнал и гласот на совеста.
Доволно е да се знае кој е предлагач (Владата), кои се назначените претставници (Димитар Ковачевски, Крешник Бектеши и Фатмир Битиќи) и во каква постапка се носат (скратена), за да се претпостави дека без оглед на опозициските настапи, предложените законски текстови нема да наидат на пречка. Кон сето тоа, кабинетот на Ковачевски ги усвои предлозите еден ден пред повлекувањето и отстапувањето на местотот на т.н. техничка влада и технички премиер.
Сепак, откако Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) им пишаа на парламентарците, а нивното обраќање беше јавно објавено, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, се обиде да ги дообјасни владните позиции, кои се во целосна спротивност со експертските.
Најголем дел од предупредувањата се однесуваат на когенеративната централа, која грчки „Митилинеос“ треба да ја изгради во Гази Баба, во Железара, на уреден плац. Ќе добие државна помош од 50 милиони евра, а ЕСМ е обврзана да купува најмалку 85 отсто од произведената електрична и топлинска енергија, и тоа по цени повисоки од берзанските, со што Македонија годишно ќе губи 15 до 35 милиони евра. Ќе плаќа и 10 пати повисока маржа, зашто „Митилинеос“ добива загарантирана маржа на годишно ниво од 43,7 милиони евра за електричната енергија и 4,4 милиони евра за топлинската енергија. Плус, државата ќе му плаќа на инвеститорот четири милиони евра годишно за старт на постројката. Со тоа, грчката фирма добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно – се фактите што прецизно ги подреди ИНРМ. Со кои одговорно тврдат „законот е скроен на наша штета“. „Митилинеос“ за 30 години, колку што е рокот на договорот, ќе ќари 1,2 милијарди евра. А, ќе нема никаква одговорност, бидејќи за него нема да важи Законот за јавни набавки, а не потпаѓа ниту во ингеренциите на нашата судска власт.
Под слични услови ќе се реализираат и проектите од останатите три законски предлози – за стратешкиот инвестиционен проект АИМ Греен ТЕЦХ, кој предвидува изградба на фотоволтаична централа и гасна електрана во Петровец, Могила, Неготино, Илинден, Гевгелија и Кичево; за „Стипион“ – соларен парк во Штип и Свети Николе; за соларна електрична централа во Пехчево.
Освен тоа, експертите тврдат – државата има капацитет самата да ги изгради овие објекти кои се од витално значење.
А, власта, преку Битиќи одговори – не може, парите (кои евентуално би се инвестирале) се потрошени, 400 милиони евра отидоа во кризата. За субвенциии. Помош за граѓаните и за стопанството.
Но затоа: доставени се банкарски гаранции, странците ќе се инвестираат 786 милиони евра, 30 години ЕСМ од „Стипион“ ќе ја купува струјата по гарантирана цена, од „Митилинеос“ 20 години и тоа најмалку за пет отсто пониска од пазарната, па државно земјиште под закуп…
И, поентата, со тоа што странци ќе ги инвестираат во овие проекти „државата ќе добие енергетска независност заради долгорочната предвидливост за цените на електричната енергија по која ќе им се откупува производството што ќе ја има со договорите за нивна реализација“.
„Митилинеос“ за 30 години, колку што е рокот на договорот, ќе ќари 1,2 милијарди евра. Ако самата ги изгради централите, за 30 години државата ќе оствари добивка од над една милијарда евра. Ниту Битиќи, ниту кој било друг владин претставник не ги коментираше овие пресметки на инженерите.
На јавниот владин повик се пријавиле 16 заинтересирани. Зошто странци би аплицирале ако немаат интерес? За доброто на Македонија?
Интересот е во бенефициите кои носат големи материјални добивки. Таа практика на нашиот простор е присутна одамна – дај им на странците пари и други погодности за да дојдат. Порано тоа се правеше преку „road show“. Сега шоуто се организира дома. Со претстава во која домаќините стануваат кираџии.
Оттаму и лавината забелешки и критики. Пред се, дека не се истражуваат можностите на потенцијалните странски инвеститори, по што би се повикале оние со потврдена репутација. Наспроти тоа, Владата објави отворен повик, што се посочува како доказ дека не се работи плански на привлекување странски инвеститори. Кои, во последниов случај, доаѓаат само поради енормните бенефиции и гарантираниот откуп на енергија.
Во тој контекст беа посочени и прашањата – зошто ниту една од овие „стратешки“ инвестиции не е во производство и додадена вредност? И, зошто ниедна од постојните странски инвестиции не е стратешка?
Неспорен е мотивот и интересот пројавен од странците. Туку, на властите. И пред кризата се знаеше дека државата е енергетски зависна, располага со капацитети од времето на Југославија, од осамостојувањето наваму може да се пофали само со „Козјак“. Навистина, зошто власта, преку вакви проекти, ги бетонира позициите на државата како енергетски вазал?
Од Здружението на инженери се сигурни – државата може сама. Може да го зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Може, ако се сака.