Говедското месо во Македонија достигнува цени што се највисоки во регионот. Во државава има незначително производство на говедско месо, така што речиси целосно се потпираме на увоз. Моменталната состојба со говеда и говедско месо во светот не е „розова“. Податоците веќе подолг период укажуваат на намалување на глобалното производство и на зголемување на цените. Во услови кога дури и богатите европски пазари ја намалуваат потрошувачката, Македонија ги увезува и високите цени. Згора на тоа, тука се и увозните давачки кои, зависно од каде доаѓа производот, може да изнесуваат од нула до 35 проценти.
Анализата што ја направи Пари користејќи он-лајн флаери на трговски синџири од регионот, како и нивни специјалзирани платформи за цени, покажува дека Македонија не е само на врвот по цените на говедското месо, туку и на другите видови месо, но со помали разлики.
Во Македонија цената на јунешки бут без коска се движи околу 1.200 денари, додека плешка може да се најде и за околу 1.000 денари. Телешкото месо без коска е околу 1.500 денари за еден килограм.
Пилешки стек рефус може да се купи за 550 денари по килограм. Цената на еден килограм свински бут е околу 400 денари, некаде и 470 денари.
Во Србија според платформата ценотека.рс https://cenoteka.rs/junece-meso/ моменталната цена на еден килограм јунешка плешка без коски е околу 1.400 динари, или во наши пари тоа е 734 денари, јунешки бут без коска е околу 1.500 динари, или 786 денари.
Цената на еден килограм свинско каре е околу 800 динари, односно 420 денари, а од плешка 600 динари, или 315 денари.
Пилешки стек рефус е од 550 динари (289 денари) до 770 динари, односно 403 денари.
Хрватска исто така има платформа за цени во продавниците Цјенотека.хр (https://cjenoteka.hr/meso-i-riba/).
На овој сајт во моментов има понуда само на говедски бут без коска по цена од 16 евра за килограм, или 984 денари.
Свински бут без коска се продава по цени од 4,5 до 8,6 евра, во зависност од продавницата. Или, во наши пари цените се од 277 до 529 денари. Цените на свинското каре се движат од 6 до 9,5 евра, односно од 370 до 585 денари.
Еден килограм пилешкото филе (рефус) чини од 6 до 9,8 евра, или од 369 до 603 денари.
Словенија ја има платформата Најцена.си (https://najcena.si/kategorija/Meso-in-ribe).
Според наведените податоци, килограм јунешка плешка се продава за 13,99 евра, односно 860 денари.
Актуелна е понудата и на свински крменадли, за само 2,99 евра, или нешто над 180 денари! Свежо свинско каре, пакување од 550 грама чини 3,59 евра, или 220 денари.
Пилешки гради еден килограм може да се купат за 5,39 евра, или за 330 денари.
Веќе подолг период во Црна Гора се продава најевтиното месо во регионот. Во најновиот каталог на „Идеа“ телешките ребра се 8,99 евра (553 денари), јунешката плешка без коски е 10,49 евра (645 денари), свиското каре е 4,99 евра (307 денари), а свинската буткица – 2,99 евра (183 денари).
Во други каталози свинското каре е со цена од 6,29 евра, свинскиот бут 4,30 евра, пилешко филе од 5,99 до 8,49 евра.

Ако овие цени се споредат со просечните плати, тогаш уште подрастични ќе станат разликите во однос на вреднувањето на месото и можноста да се купи.
Со просечна плата од 45.943 денари, Македонија останува со најниски примања во регионот. Следува Србија со 110.670 динари нето заработка, што во наши пари е околу 58.000 денари. Во Црна Гора веќе се надмина илјадарката во евра. Во Хрватска нето-просекот е 1.470 евра, а во Словенија дури 1.610 евра, покажуваат последните податоци од нивните државни статистички институции.
Врз основа на просечните плати и просечните цени за месо што се јавно објавени, Пари направи анализа колку килограми говедско (јунешко), свинско и пилешко може да се купи со една плата.

Од податоците јасно се гледа дека Словенците може да си дозволат најмногу од сите земји во регионот. Во однос на нас тие со своите плати може да купат речиси трипати повеќе говедско, повеќе од двојно свинско месо и повеќе од тројно пилешко филе.
Но, не само во споредба со регионалниот шампион по примањата. Со било која друга земја од регионот да се споредиме, тамошното население со своите плати може да си дозволи повеќе месо.
Редакција Пари
Аналитика








