Акринимот СЕПА донесе толку многу возбуда во земјава, што не е видена од моментот кога Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Кога станува збор, пак, за отворање на државата кон ЕУ од финансиски аспект, волку драма не се крена кога се либерализираше Законот за девизно работење, што значеше слобода за македонските граѓани да префрлаат девизи во странство. А, без таa слобода, немаше да ја има ни СЕПА.
Но, ете реалноста е таква каква што е. Деновиве сите се радуваат на СЕПА, и НБРМ и граѓаните и компаниите. Главната причина за оваа радост е што сега можат да праќаат и примаат евра од 41 држава во Европа со многу помали трошоци. Веќе не мораат да плаќаат поскапи SWIFT трансфери преку банките или преку фирмите за брз трансфер на пари.
Веројатно во некои околности ќе мораат сепак да користат SWIFT, но за тоа ќе одлучуваат конкретни околности и фактори и ќе треба да се консултираат со банките.
СЕПА трансферите им остануваат како евтин канал за испраќање или примање дознаки во евра.
За радоста да биде поголема се погрижија и банките, затоа што им овозможија на граѓаните и компаниите конкурентски цени на новите услуги. Цените за СЕПА трансферите не се исти кај сите 9 банки, кои од почетокот на октомври ја овозможија оваа услуга. Нашата анализа (анализа на порталот Пари) покажа значителни разлики во висината на провизиите, поттикнати веројатно од трката кај банките за привлекување нови клиенти.
Така Халкбанк излезе на пазарот со унифицирана цена од 250 денари на сите СЕПА трансакции, независно дали се вршат на шалтер или електронски и независно дали се вршат од физичко или правно лице.
По цена од 250 денари се и СЕПА трансакциите за клиентите правни лица на УНИ банка.
Централна кооперативна банка нуди пониски цени за СЕПА трансфери со електронско банкарство, кои изнесуваат 200 денари за физички лица и 300 денари за правни. На шалтер тарифите се повисоки – 300 денари за граѓани и 500 денари за фирми.
Во ТТК банка, тарифата за физички лица изнесува 250 денари, а за правни 350 денари.
Шпаркасе банка излезе со промотивна понуда, со која сите СЕПА трансакции за физички лица до 31 октомври 2025 година се бесплатни. За правни лица, електронските трансфери се по цена од 600 денари, а со хартиен налог по цена од 1.250 денари.
Во Стопанска банка АД Скопје, надоместоците за вршење СЕПА трансфери од страна на физички лица се 3 евра за електронски налози и 6 евра за хартиени, а за правни лица изнесуваат 10 евра.
Комерцијална банка излезе со слични тарифи. Оваа банка за електронски СЕПА налог за физички лица наплаќа 300 денари, а за хартиен 360 денари. За правни лица, тарифата е една и изнесува 600 денари.
Во Прокредит банка, пак, важи една тарифа и за граѓани и за фирми и таа изнесува 620 денари.
НЛБ банка има различни тарифи. За физички лица банката наплаќа 620 денари за електронски налог, а 990 денари на шалтер. Правните лица за СЕПА трансфери преку оваа банка ќе плаќаат 620 денари ако ги вршат преку електронско банкарство, а 1.250 денари преку хартиен налог на шалтер.
Овие надоместоци се дефинитивно пониски во споредба со досегашните трансфери преку SWIFT и претставуваат големо финансиско растоварување на граѓаните и фирмите. Останува добро да се инфирмираат за кои се трансакции им вршат работа.
Р.П.