Промена во сопственоста на Македонијатурист. Преку реализиран нетрговски трансфер МФГ Инвестмент се стекнал со 52.811 акции, кои на ова ДООЕЛ друштво му обезбедуваат 11,68 отсто од акционерскиот капитал на хотелско-угостителската компанија. Акциите се подарок од М.Г. Фешн. А, и двете фирми се на бизнисменот Зоран Антиќ.
Конкретно, сопственик на МФГ Инвестмент е М.Г. Фешн ДОО увоз-извоз Скопје, а управител Зоран Антиќ. Според податоците од Бизнис Мрежа, оваа фирма е формирана на 20 август, со непаричен влог од над 8,7 милиони евра.
Двете информации за нетрговскиот трансфер се објавени на Македонска берза, а во таа што се однесува на првобитниот акционер, пишува:
„Известуваме дека акционерот Друштво за трговија, производство и услуги М.Г. Фешн доо увоз-извоз Скопје преку нетрговски трансфер го намали бројот на акции што го поседува и сега поседува 40 обични акции издадени од Македонијатурист АД“.
Пред да го отстапи, односно префрли сопственичкиот пакет, М.Г. Фешн на почетокот од август купил дополнителни 900 акции од Македонијатурист. Со нив компанијата поседувала 52.811 акции (11,68%).
На Македонска берза има уште една објава поврзана со Македонијатурист. Еден од мнозинските акционери, Промедика, ги зајакнал позициите со уште 45 акции. Моментално поседува 53.844 акции, односно 11,91 процент.