
Земјоделските семејства, во просек, јадат многу повеќе од неземјоделските, покажуваат податоците во Статистичкиот годишник што го објави Државниот завод за статистика, а кој се однесува на 2024 година. Значајно повеќе се јаде леб, повеќе се користи брашно, тестенини и ориз. Но земјоделските семејства повеќе трошат и зеленчук и овошје, што е и очекувано, затоа што ретко која куќа во село нема сопствена бавча со пиперки, домати, компири, овошки. Кога е во прашање свинското и говедското месо, градските семејства трошат повеќе. Секако, урбаните семејства се поголеми љубители и на сувомеснатите производи.
Во просек, семејствата во Македонија трошат по 172,3 килограми леб годишно. Под просекот се неземјоделските семејства со потрошувачка од 166,4 килограми, а над просекот се земјоделските семејства со потрошувачка од 225,8 килограми.
Во земјата позната по пиперки и домати, земјоделските семејства годишно, или поточно кажано сезонски, јадат 34,6 килограми домати и 30,5 килограми пиперки. Нивните сонародници од градските населби се малку помали потрошувачи – годишно на маса имаат 32,3 килограми домати и 29,5 килограми пиперки.
На село повеќе се каснува и јаболко, круша, кајсија. Но, кога е во прашање јужното овошје, неземјоделските семејства го консумираат 70 насто повеќе отколку земјоделските. Така, годишната потрошувачка на јужното овошје кај земјоделските семејства е 41,8 килограми, а кај неземјоделските 71,5 килограми.
Македонските домаќинства во просек јадат по 16,9 килограми говедско месо. Земјоделските семејства во просек јадат по 14,7 килограми, а неземјоделските „држат“ просек од 17 килограми. Годишната потрошувачка на свинско месо е 23,6 килограми, при што кај земјоделските семејства е 18,5 килограми, а кај неземјоделските е 23,4 килограми.
Од месото, според Државниот завод за статистика, Македонците се најголеми јадачи на живина. Но, иако Државниот завод за статистика така го дефинира, јасно е дека најголемиот дел е пилешко месо. Земјоделските семејства трошат 63,7 килограми живина, неземјоделските 45 килограми, а во просек изведен од сите домаќинства, потрошувачката е 45,6 килограми.
Годишни потрошени количества на артикли во домаќинствата во 2024 година (во килограми)

Извор: Државен завод за статистика
МЕШОВИТИТЕ ДОМАЌИНСТВА СЕ НАЈГОЛЕМИ ЛЕБАРИ
Статистичките податоци откриваат и интересен факт дека мешовитите семејства се најголеми консументи на леб, брашно и тестенини. Потрошувачката на леб во просек им е поголема за дури 53 насто во однос на неземјоделските семејства! Но, во овие семејства се јаде повеќе леб и отколку во земјоделските ‒ за 13 насто.
„Мешовито домаќинство е домаќинство што има сопствено земјоделско стопанство во кое покрај вработените во стопанството, еден или повеќе членови се со постојан работен однос во општествениот или приватниот сектор или вршат некоја неземјоделска дејност (самостојни занаетчии, угостители, превозници). Во оваа категорија се вклучени и домаќинствата што поседуваат земјоделско стопанство, а еден или повеќе членови се лица со лични примања (пензионери)“ – е дефиницијата од Државниот завод за статистика.
Во мешовитите домаќинства, според податоците, повеќе се прави и салата од пиперки и домати, а рекордери се и по јадење на свинско месо.
НА НИВА СО ЛЕПЧЕ, НА ТРПЕЗА СО МЕВЦЕ
Македонците отсекогаш биле големи потрошувачи на леб. Ако разговарате со постари луѓе што живеат на село, ќе ви кажат дека на жетва се одело со леб и со „жетварска салата“, која била од лукче и оцет. Така на жешкото време се разладувале, а истовремо со лебот се најадувале. Иако во селата секогаш имало и добиток, селаните биле поштедливи со месото. Се ставало во варива, се печело, се ставало во каче за зима.
Во градските населби полека се менуваат навиките, во согласност со начинот на живеење, кој повеќе е поврзан со седечка работа, но е и под големо влијание на нутриционисти и разни рецепти за слабеење. Сепак, на градските софри помалку се застапени овошјето и зеленчукот, а повеќе се јаде говедско и свинско месо.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








