ПОВЕЌЕ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЛАНИ ДОБИЛЕ 441,2 МИЛОНИ ЕВРА од сопствената продажба

    Време зa читање: 4 минути

    Било да е директно од нива, или преку откупен центар, земјоделците минатата година заработиле 441,2 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Ова е помал износ отколку во 2024 година кога вкупната заработка им била 470,3 милиони евра. Значи, и покрај растот на цените, има намалување на вредноста за дури 29,1 милион евра, или 6,2 проценти.

    Статистичките податоци покажуваат дека во сите квартали, освен во првиот, подобра била 2025 година. Но затоа во првиот квартал има голема разлика во полза на 2024 година.

    Вкупен откуп и продажба на земјоделски производи(во милиони евра)

    Извор: Државен завод за статистика

    ПРОДАЖНИТЕ ЦЕНИ РАСТАТ, ВЛЕЗНИТЕ ТРОШОЦИ СЕ НАМАЛУВААТ

    Државниот завод за статистика објави податоци за излезнитe цени на земјоделските производи во јануари и за влезните трошоци, споредено со јануари 2025 година.  Податоците покажуваат дека цените по кои своите производи ги продале самите земјоделци за една година се зголемени за 9,9 проценти, додека нивните влезните трошоци се намалени за 2,2 проценти!

    Кај цените во земјоделството во јануари 2026 година, во однос на јануари 2025 година, се бележи следнава динамика: повисоки се за 12.3 % кај растителното производство и за 1,3 % кај добиточното производство, констатира ДЗС.

    Податоците покажуваат дека за една година земјоделците најмногу го поскапеле зеленчукот, за 21,1 процент, потоа се индустриските производи со раст од 17,7 проценти и растителните производи – за 12,3 проценти.

    Негативен тренд, односно намалување на цените има кај овошје и грозје за 6,6 проценти, како и за производи од животинско потекло за 1,5 проценти.

    Во однос на влезните трошоци, тие се  пониски за 2,8 проценти кај тековно потрошените средства во земјоделството, а  повисоки се за 4,7  проценти кај средствата наменети за инвестиции во земјоделството. Тековните трошоци се намалиле благодарение на падот на цените во ставката „Енергија, горива и мазива“ за 12,1 процент, како и на минералните ѓубрива за 2,5 проценти.

    Кога се во прашање инвестициите – вложувањата во машини и опрема се зголемиле за 8,2 проценти, додека за транспортната опрема за 4,3 проценти. Инвестирањето во згради носи мало нагорно поместување од 0,2 проценти.

    ДОПОЛНИТЕЛНО ПО ОКОЛУ 100 МИЛИОНИ ЕВРА СУБВЕНЦИИ

    Покрај пари од  самата продажба, земјоделците добиваат пари и од субвенции. Финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година е во вкупен износ од 6.061.345.000 денари, или 98,5 милиони евра, обезбедени согласно годинешниов Буџет. Програмата е објавена во Службен весник од 2 февруари. Минатогодишната Програма пак, тежеше 6.271.000.000 денари, или 102 милиони евра. Односно, покрај заработката од 441,2 милиони евра, земјоделците имале околу  100 милиони евра финансиска помош од државата. Дополнително, често пати се одобруваат дополнителни пари од оние наведени во годинешната програма за финансиска поддршка.

    Сепак, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски јавно посочи дека има таканаречени „ловци на субвенции“ кои всушност и не се вистински земјоделци, туку ја злоупотребуваат државната каса и оневозможуваат парите да дојдат до оние на кои навистина им требаат.

    -Минатата година се потпиша еден меморандум инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат да бидат ставени на располагање на Платежната агенција и на терен да има засилени контроли со цел да нема неоправдано одлевање на буџетски средства – рече министерот.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично