ПОВЕЌЕ

    Зелените кредити во подем, но интересот на граѓаните недоволен

    Време зa читање: 5 минути

    Зелените кредити сѐ повеќе наоѓаат место во поддршката на зелената транзиција и постигнале годишен раст од 26,37 проценти. Сепак, тоа е по заслуга на фирмите, кои во однос на домаќинствата се многу позаинтересирани за позајмиците од овој вид. За оваа намена првите користат кредити во износ од 304,4 милиони евра, а вторите од 17,6 милиони евра, иако и за нив се предвидени поволности.

    Податоците што ги објави Народната банка се за првиот годинешен квартал. И, покажуваат дека од крајот на 2019, кога почна да се следи состојбата во овој домен, забележано е зголемување за 2,8 пати во побараните и одобрени кредити за реализација на проекти кои поддржуваат еколошки цели.

    Конкретно, на крајот од март во билансите на банките зелените кредити зафаќаат 19.860 милиони денари (над 322 милиони евра). Бројките се оптимистички кога ќе се споредат со оние од крајот на 2019 година, кога се работело за сума од 7.176 милиони денари (116,3 милиони евра).

    Од информацијата на централната банка може да се види дека заклучно со првото тримесечје на компаниите им се одобрени 18.771 милион денари. Наспроти тоа, интересот на граѓаните за зелените банкарски кредити се мери со 1.089 милиони денари.

    Речиси сите банки во земјава во својата понуда ги имаат овие кредити за домаќинствата, а кај четири од нив олеснувачки за корисниците е што 20 отсто од позајмените пари не треба да се вратат. Односно, станува збор за банките кои се партнери на GEFF во Северна Македонија – дел од Програмата за финансирање на зелена економија во Западен Балкан, со која Европската банка за обнова и развој обезбедува и поддржува инвестиции во зелена економија.

    Во тие рамки, Комерцијална банка нуди зелени кредити со износ до 50 илјади евра, годишната каматната стапка е 7,724% годишна, и е променлива, а рокот на отплата е до 20 години. Наменети се за изолација на куќа, за замена на столарија или за инсталација на ефикасен систем за греење и ладење, при што се наведува дека  инвестициите двојно ќе се исплатат – поврат до 20 проценти во вид грант, како и намалени трошоци за енергија.

    „Искористете ги поволностите со наменските ЕКО кредити за унапредување на енергетската ефикасност во вашите домаќинства“, порачуваат од Шпаркасе банка. Па, се наведува дека успешно имплементирани и потврдени проекти се прифатливи за инвестициски грантови до 20% од инвестиционата вредност. И ука условите се – износ од 50 илјади евра, рок на отплата до 95 месеци, фиксна камата за првите три години почнувајќи од 7,5%, а променлива по истекот на фиксниот период – „почнувајќи од 7,75% зависно од интерниот рејтинг на клиентот“. Исто така, на веб-страницата е наведен и административниот трошок од 2%, или минимален износ на провизија за одобрување на кредитот од 610 денари.

    Кај Прокредит банка може да се добие зелен кредит до најмногу еден милион денари. Парите можат да се вратат во рок од најмногу седум години. И тука ја има можноста за минус 20 проценти, а каматата од 7,75% е фиксна во првите три години. Потоа, како што е наведено – 5 пп + месечна камата на благајнички записи, минимум 8,0%. Провизија за исплата е 2% или минимум 6.000 денари. Освен тоа, посочено е од Банката дека овој тип кредит можат да го добијат интересентите чија плата е повисока од 30 илјади денари.

    Дел од програмата е и НЛБ банка. Може да се аплицира за зелен кредит без и со хипотека, до 25 илјади, односно до 50 илјади евра. Како енергетски ефикасни технологии кои се прифатливи за кредитирање се сметаат инвестирања во топлинска изолација, топлински пумпи, енергетски ефикасни котли и печки за затополување, клима уреди, како и сончеви колектори за топла вода, соларни фотоволтаични системи и бојлери и замена на прозорци и врати.

    Можно е домаќинствата да не се доволно упатени во целта што треба да се постигне со зелените кредити, како и за придобивките од ваквото задолжување. Затоа што во општата слика граѓаните се поголеми корисници на кредити (над 3,8 милијарди евра) од компаниите (речиси 3,6 милијарди евра).

    Што се однесува до последните податоци од Народната банка, тие велат и дека кај банките расте уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 па заклучно со првиот квартал од 2024, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2 на 4,5 проценти.

    „Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки“, се вели во известувањето од НБРСМ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично