Шест згради од девет до 14 ката и две кули со 25 и 35 ката ќе „никнат“ на просторот на некогашна „Алумина“, како инвестиција на „Пуцко Петрол“. Според 3Д презентацијата објавена на општинската веб-страница, зданијата се претставени со зеленило на терасите и со мини-паркови меѓу зградите. Алармот е вклучен и бројни се реакциите и од архитекти, еколози, биолози… Независни за Карпош за вечерва закажаа средба со граѓаните во Кинотека на Македонија. Во објавенот повик, кој се однесува за присуство на сите заинтересирани, посебно се потенцираат жителите на Тафталиџе 1, кои најмногу ќе ги почувствуваат и трпат последиците доколу се дозволи изградбата на овој станбено-деловен комплекс.
Подготовките за ДУП на повеќе блокови од З06 – Тафталиџе 1 се во тек, а од Независни за Карпош посочуваат дека јавните презентации и анкети не дозволуваат учество на сите засегнати, туку само на жителите кои се на планскиот опфат. Па, предупредуваат дека промените се толку големи, што ќе влијаат врз животот на Tафталиџе, на соседните четврти и на целиот град. На средбата ќе ги пренесат сопствените сознанија, но сакаат да ги слушнат и ставовите на граѓаните.
Доколку се случи овој ДУП изготвен од Општина Карпш, кој предвидува домување и комерцијално-деловна намена за овој блок, да ги мине законските фази и да биде усвоен од Советот, тогаш „Пуцко Петрол“ ќе го реализира планот. Кој не значи само бетонизација, туку и нови стотици и стотици граѓани и возила.
Се работи за просторот меѓу улицата „Прашка“, булеварите „8 Септември“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, и новопроектираната улица С6. Јавната анкета за ДУП З06 блок 11 трае до 15 декември, а јавната презентација е закажана за вторник (12 декември). Ќе се одржи во просториите на Општина Карпош, со почеток во 13 часот.
Како што изјави Невена Георгиевска од Независни за Карпош на седница на Советот, решението е убаво, но не е за Скопје. „Посакувам до го реализирате некаде во друг град, во Свети Николе или надвор од државата“, посочи таа.
На социјалните мрежи има многу реакции.
„Многу важна локација и сензитивен простор. Да не се одобри овој комплекс! Да се изготви архитектонско урбанистички проект за комплекс преку конкурс со обврска да се спроведе добиеното“, децидна е архитектката Даница Павловска.
Притоа, се укажува и на расчекорот меѓу проектите и изведбата, особено кога станува збор за зеленилото. Исто така, се посочува и примерот на зградата во Општина Бутел, која е „раззеленета“, но со вештачко зеленило.
За лажното урбано зеленило на својот ФБ профил се произнесе биологот Кирил Арсовски – Пржо:
„Урбанистичките и архитектонски зелени уредувања со цел подобрување на животните услови се наракуваат NBS (Natural based solutions). Целта на NBS е да ја подобрат животната средина, да ја зголемат отпорноста од климатските промени и да го чуваат урбаниот биодиверзитет. Единствен услов овие решенија да успеат е изработка на истражување кое ќе процени кои, колку и какви видови на решенија, видови и зеленило би ја подобрило состојбата. Ставање на тревници и саксии не значи ништо, дури и да не се само рендери.
Што сѐ е проблем?
Отворени зелени тревни тераси на град под силна инсолација (изложеност на Сонце) не можат да успеат, а за да успеат потребни се огромни количини на вода, што ги прави нееколошки.
Корита и саксии постојано влажни, создаваат одлични услови за развој на комарци кои денес пак носат опасност од зарази.
Ниската вегатација меѓу огромни бетонски зданија не може ништо да помогне – пример за тоа се сите нови, пропаднати паркови во Аеродром.
За да имаме успешно NBS на комплекс згради потребно е истражување кое денес чини исто колку и самото проектирање.
Кај нас нема компанија што би можела да се грижи за висинско или вертикално позеленување
Со толку бетон, Скопје добива уште еден топлински остров што апсолутно ќе го уништи квалитетот на живот на сите граѓани во околината“.
За Скопје штета, за „Пуцко Петрол“ профит. Оваа нафтена компанија многу често се споменува, секогаш и секаде каде што има големи државни или општински тендери. Бизнисите се поврзуваат со владејачката ДУИ. Исмаил Јахоски, сопственикот на нафтената компанија, шест мандати или 24 години како градоначалник управуваше со Општина Пласница, а е кадар на оваа албанска партија. Сега кормилото на „Пуцко Петрол“ е во рацете на неговиот син Асмир Јахоски, а работите се одвиваат по редовниот колосек.
Во текот на минатата година „Пуцко Петрол“, според податоците од ЦГК, бил во редот на трите компании со најмногу добиени тендери – со склучени 413 договори, вредни педесеттина милиони евра.
Предмет е на интересирање и на Државната комисија за спречување на корупцијата и на Управата за финансиска полиција. Финаниската полиција врз база на преземени документи анализира дали има неправилности во случајот со Лотарија, а антикорупционерите побараа од Обвинителството за организиран криминал и корупција кривично да ги гони актерите во носењето на ДУП во Карпош за бензинската станица на „Пуцко Петрол“.