Екстремните временски настани веќе не се ретки исклучоци, туку сурова реалност што ја потврдува климатската криза. Научниците предупредуваат дека ваквите катастрофи ќе стануваат сè почести и поразорни доколку глобалната температура продолжи да расте. „Климатската акција не смее да зависи од изборни циклуси или политички препирки. Таа мора да биде постојана, како што се постојани и порастот на температурите и нивото на морињата“, вели Донг Ју, директор за истражувања во Институтот за иновативен и висококвалитетен развој во Хонг Конг.
Тој нагласува дека стабилноста и континуитетот во климатските политики се предуслов за вистински резултати, бидејќи ефективната акција бара децении посветеност. Податоците од извештајот „Climate Action Monitor 2023“ покажуваат дека во 2022–2023 година темпото на воведување нови климатски политики глобално забавило на само 1 до 2 проценти годишно, за разлика од претходните години кога растот бил околу 10 проценти. Причината се геополитички тензии и економски притисоци.
„Токму затоа меѓународната доверба и соработката се клучни за да се зачува амбицијата и покрај краткорочните предизвици“, додава Ју.
Во таков контекст, соработката меѓу Кина и Европската Унија добива особена тежина. Двете најголеми економии, ако цврсто ги поддржуваат зелените агенди една на друга, ќе изградат бедем на континуитет и ќе испратат јасна порака дека климатската акција е над трговските или политичките несогласувања.
„Засилената соработка меѓу Кина и ЕУ има големо и посебно значење за глобалното климатско управување. Таа може да биде сидро во време на турбуленции“, нагласува Ју.
Примерите веќе постојат. Кинеската компанија CATL инвестира 7,3 милијарди евра во фабрика за батерии во Унгарија, додека BMW соработува со China Datang за изградба на ветерни фарми во Шенјанг. Европски компании од Данска и Франција, пак, го носат своето знаење во Кина во сферата на енергетска ефикасност и нискојаглеродни технологии.
„Поголемо партнерство во обновливите извори ќе значи почиста енергија што ќе биде подостапна и поевтина за сите“, вели Ју.
Друг столб на оваа соработка е размената на искуства со системите за тргување со емисии. ЕУ го има најразвиениот кап-енд-трејд механизам, а Кина во 2021 го лансираше својот национален систем. Потенцијалот за усогласување и идно поврзување е огромен. Со влегувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM) во транзициска фаза во 2023 година, а со целосна имплементација во 2026, се наметнува потребата за усогласување.
„Без координација, CBAM може да создаде трговски тензии. Со координација, тој може да биде поттик за повисока климатска амбиција“, објаснува Ју.
Кина и ЕУ се соочуваат и со заеднички предизвик – адаптација на веќе неизбежните климатски промени. Европските искуства со управување со поплави и урбани топлотни бранови, и кинеските „градови сунѓери“ и инвестиции во инфраструктура отпорна на климатски ризици, можат да бидат основа за корисна размена. Според Ју, и двете страни имаат интерес да ги заштитат своите граѓани од климатски катастрофи и можат да го сторат тоа преку заеднички истражувања и финансирање на отпорна инфраструктура.
За да се засили ова партнерство, тој смета дека потребни се неколку приоритети. „Климатските цели мора да бидат загарантирани со долгорочни закони и стратегии што ја надминуваат смената на влади. Треба да се зголемат вложувањата во отпорна инфраструктура и да се поддржат земјите во развој. Компаниите треба да поставуваат научно засновани цели за намалување на емисиите, да разменуваат добри практики и да ја декарбонизираат синџирот на снабдување“, наведува тој.
„Климатската криза не познава граници, идеологии или системи. Решенијата мора да бидат исто така безгранични. Затоа, стабилната климатска алијанса меѓу Кина и ЕУ е зрак надеж – не само за нашите економии, туку и за целото човештво“, заклучува Донг Ју.