ПОВЕЌЕ

    ЗДРАВО НА ЕТИКЕТА, НЕБЕЗБЕДНО НА ТЕРЕН – резултати од вонредните инспекции на АХВ

    Време зa читање: 2 минути

    Повеќе од еден тон производи што се продавале како „здрава храна“ биле повлечени и уништени неделава по засилените инспекциски контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Наместо гаранција за квалитет, дел од проверените објекти понудиле небезбедни производи, несоодветни услови и сериозни пропусти во работењето.

    Во рамки на 373 контроли спроведени кај објекти што се декларираат како производители и продавачи на здрава храна, инспекторите затекнале 1.010 килограми небезбедни производи. Кај 14 оператори било утврдено дека воопшто не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, што претставува основно законско прекршување.

    Покрај уништената храна, биле издадени 65 решенија за отстранување неправилности, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра во денарска противвредност.

    Контролите откриле и сериозни хигиенски и технички недостатоци. Девет оператори работеле во незадоволителни услови, додека кај седум биле пронајдени производи со поминат рок на употреба. Кај двајца инспекторите затекнале храна со непознато потекло, што дополнително го зголемува ризикот за потрошувачите.

    Неправилности биле констатирани и во декларирањето на производите – кај 18 оператори храната била несоодветно означена. Дополнително, кај 23 објекти вработените немале извршено задолжителен здравствен преглед, што е основен предуслов за работа со храна.

    Пропусти се утврдени и во организациските процедури. Двајца оператори немале воспоставено системи за Добра производствена и Добра хигиенска пракса или не воделе соодветна документација, а кај исто толку не била спроведена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

    Од АХВ информираат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се обезбеди повисоко ниво на безбедност на храната на пазарот. Акцијата, велат од таму, е дел од засилен мониторинг во секторот кој последниве години бележи пораст, но очигледно не секогаш и соодветно почитување на законските стандарди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично