Во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на штедењето – 31 октомври, Народната банка, Министерството за финансии и банките во земјава имаат повеќе од добра причина за задоволство. Податоците покажуваат дека довербата во граѓаните во банкарскиот систем и навиката за штедење се на уште повисоко ниво.
Заштедите на граѓаните се доближуваат до импресивни 7 милијарди евра, што претставува годишен раст од 13,6%, резултат што зборува за стабилноста на финансискиот систем, но и за зголемената свест на населението кога станува збор за нивната финансиска сигурност.
Иако постојат и други финансиски инструменти кои нудат поголем принос, Македонците очигледно најмногу им веруваат на банките. Оваа доверба дополнително ја потврдува и фактот дека се поголем дел од заштедите се во денари, што е знак на растечка доверба во домашната валута.
Во пресрет на денот што го слави штедењето како вредност и навика, Македонија може да се пофали со раст не само на депозитите, туку и на финансиската свесност – дека секој заштеден денар претставува чекор кон лична и економска стабилност.
А, кога станува збор за заштедите, македонските домаќинства за девет месеци оваа година, односно до септември успеале да заштедат 421 милион евра (скоро 26 милијарди денари), што најмногу се должи дефинитивно на зголемените плати и многу веројатно на заработените пари од работа во странство.
Народната банка на Македонија во најновиот извештај за монетарните движења во земјата, заклучно со септември, објави дека „вкупните депозити забележаа месечен раст од 0,3%, во целост поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор се намалени. На годишна основа, растот изнесува 13,2% и се должи на растот на депозитите на двата сектора, кој пак поизразен кај секторот „домаќинства“. На годишна основа, паричната маса бележи раст за 13,5%, пред се поради растот на депозитните пари и на краткорочните депозити, при помал раст и на останатите компоненти“.
Извор: НБРМ
Расте и довербата на граѓаните во денарот затоа што уште повеќе штедат во денари споредно со евра. Откако во април минатата година се изедначија депозитите на граѓаните во домашна валута и во евра, во наредните месеци заштедите во денари се зголемуваат со побрзо темпо отколку во евра, што секако е резултат на повисоките каматни стапки за штедење во денари. На крајот од септември оваа година, депозитите во денари достигнаа 231,9 милијарди денари, и за една година се зголемени за 22%. Заштедите во евра изнесуваат 191 милијарда денари и на годишно ниво бележат раст од 4,8%.
Но, се уште најголем дел од заштедите во банките се краткорочни. Дури 232 милијарди денари се депонирани на краток рок, со цел да може да бидат повлечени во секое време кога ќе им бидат потребни. Само 72,8 милијарди денари се водат како долгорочни депозити до 2 години. За истакажување е дека на годишно ниво долгорочните депозити бележат поголем раст (16,7%) од краткорочните (8,9%).
И компаниите оваа година повеќе штеделе. Иако на краток рок, сепак нивните депозити имаат годишен раст од 12,8% и достигнаа 260,8 милијарди денари. И фирмите повеќе штедат во денари и тоа двојно повеќе отколку во евра.
Интересно е дека оваа година граѓаните повеќе биле расположени за штедење отколку за задолжување. Па, така на годишниот растот на кредитите на домаќинствата во банките изнесува 10,8%. Вкупната задолженост на населението достигна 269,1 милијарда денари. Ова значи дека граѓаните имаат многу повеќе пари депонирано во банките отколку позајмено.
Извор: НБРМ
Што се однесува до видот на кредитите што ги земале граѓаните, и понатаму доминираат потрошувачките и станбените кредити. Кај потрошувачките кредити годишниот раст изнесува 10,2%, а кај станбените 16,1%. Автомобилските кредити се помалку атрактивни, а и помалку нудени од банките, па така имаат годишен пад од 0,6%. Но, и понатаму се намалува интересот на граѓаните за кредитни картички. Во септември годинава споредено со истиот месец лани задолженоста на граѓаните на кредитни картички е намалена за 6,7%. Исто така, помалку се задолжуваат и со негативни салда на платeжните сметки, каде е пресметан годишен пад од 8,5%.
Редакција Пари