Заменик-министерот за финансии Филип Николоски, денеска во седиштето на Светска банка во Вашингтон оствари средби со извршниот директор на СБ, Кун Давидсe и директорот за човечки развој Мајкл Рутковски.
Средбата е во функција на подготовка на новата Рамка за партнерство на земјата со Светска бака за периодот 2024-2028 година. Заменик-министерот изрази благодарност до оваа меѓународна финансиска институција за подготовката на Системската дијагностика на земјата, која претставува аналитички извештај кој претходи на Рамката за партнерство.
„Внимателното идентификување на приоритетите е најзначајно за успешна реализација на новата програма и постигнување на поставените цели. Приоритетите коишто ќе бидат вградени во новата Рамка за партнерство треба да произлезат од она што е дефинирано како приоритет на Владата во националните стратешки документи и во Програмата за економски раст, во која се вклучени клучните реформи заеднички усвоени со Европската Унија, а кои значат и побрзо приближување на земјата кон ЕУ”, истакна заменик-министерот за финансии.
На средбата стана збор и за тековното портфолио на проекти што се спроведуваат во земјата со поддршка на Светска банка, а во чии рамки се имплементираат девет проекти со заеми од околу 400 милиони американски долари.
Николоски се осврна и на активностите коишто Владата ги презема за усвојување на Стратегијата за човечки капитал, како стратешки документ со цел да се постигне побрз, инклузивен и одржлив раст и да се обезбеди на граѓаните подобри услови и подобар стандард за живот. Стратегијата има за цел да и помогне на земјата да ги подобри резултатите од човечкиот капитал и да ги идентификува клучните предизвици, како и реформските приоритети кои ќе го подобрат и поддржат патот кон поголем просперитет.
Заменик–министерот за финансии Филип Николоски, во Вашингтон, оствари средби и во седиштето на Меѓународниот монетарен фонд со алтернативниот извршен директор Лук Дресе и со шефот на Мисијата на ММФ Жак Миниан.
На средбата се разговараше за економските состојби и политики во земјава при што заменик-министерот Николоски ја потенцираше заложбата на Владата на РС Македонија за обезбедување долгорочна фискална одржливост.