Предложените пет законски измени наменети за изградба на коридорите 8 и 10-д добиваат европско знаменце, што значи ќе одат по скратена постапка, ја соопшти владината одлука првиот вицепремиер Артан Груби. Тоа е направено за работите да се одвиваат побрзо и поевтино. Но, нагласи, тоа зависи од пратениците, при што ја повика опозицијата да прекине со блокадите на законските решенија, кои можат да чинат дополнителни 150 милиони евра од граѓаните, а се загрозуваат и националните стратегиски проекти. Измените не се однесуваат само на овој проект, но и за сите во што се од национален интерес. Во тие рамки е и прекувременото работно време, кое се предвидува да ги опфати само лицата кои ќе се сложат на повеќе работни часови, за кои ќе добијат соодветен надомест.
„Наместо проектот да чини скоро 1,5 милијарди евра со сегашното домашно законодавство, има можност да чини 1,3 милијарди евра со поефикасен систем не само за овој проект на изградба на коридорите 8 и 10 д, туку и за сите идни национални стратешки проекти. За да се реализира тоа беа поднесени осум предлог-закони кои опозицијата ги блокира, со што стави во заложништво и две години од животот на граѓаните. Замоливме да се доуредат овие закони, а нив не ги бараат ниту ‘Бехтел’, ниту ‘Енка’, ниту двете заедно, туку ги бараме ние како институции за поефикасен систем на градење“, посочи Груби.
Или ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или ќе останеме обиколница, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Со измените, додаде, се воведува фазната градба, односно се проектира и се гради. Проектите, како што е случај со автопатот Кичево – Охрид, застаруваат и ја зголемуваат цената. Затоа, нагласи, многу е поефикасен начинот кој се воведува со предложените измени.
„Министерството за транспорт и врски направи суштински измени во законите за градење и за урбанистичко планирање. Тие не се однесуваат само на коридорите 8 и 10д, туку се носат за сите идни градби од национален интерес, како железничката пруга и магистралните гасоводи. Со законските измени само се забрзуваат процедурите и ги намалуваме роковите“, наведе Бочварски.
Од аспект на финансиите, министерот Фатмир Бесими укажа дека инвеститорот ќе биде ослобеден само од давачките за промет – ДДВ, царини и акцизи. Со експропријацијата, пак, нема да бидат опфатени нелегалните градби, при што потенцира дека тоа прашање се решава со законскиот акт донесен уште во 2011, кој овозможи легализација.
„Со предлог-законот нема експропријација на нелегално изградени објекти. Единствено, на семејствата што живеат во тие објекти, ако не им е завршена постапката за легализација, ќе им се овозможи дислокација со закуп на друг објект“, појасни Бесими.
Предложена е 60-часовна работна недела или 190 часа годишно. На секои два одработени дена, работниците ќе одмараат 12 часа. Плус слободни 24 часа во текот на работната седмица. Тоа ќе се однесува само на лицата кои ќе потпишат дека сакаат прекувремено да се ангажираат, наведе заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусеин. Посочи дека во градежништвото постои прекувременото работење и измените не значат дека ќе се врши експлоатација на трудот.