
Во судницата во Лос Анџелес оваа недела нема да се суди само на една компанија, туку и на начинот на кој цела генерација растеше со телефон во рака. Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, за првпат ќе седне пред американска порота за да одговара на прашања дали платформите како Инстаграм биле дизајнирани да создаваат зависност кај младите и дали тоа им нанело сериозна штета.
Сведочењето доаѓа во рамки на внимателно следено судење во кое 20-годишна жена од Калифорнија, идентификувана со иницијалите КГМ, тврди дека нејзиното рано користење на Инстаграм и Јутјуб довело до зависност, продлабочување на депресијата и појава на самоубиствени мисли. Нејзините адвокати најавуваат остро испрашување и велат дека ова е „повеќе од правен пресврт“, момент во кој извршен директор на една од најмоќните технолошки компании ќе мора лично да објасни зошто производ за кој, како што тврдат, постоеле интерни предупредувања дека може да биде штетен за децата, сепак бил објавен и агресивно развиван.
Закерберг претходно сведочеше пред Конгресот на САД и им се извини на семејствата кои ги поврзуваат трагедиите на своите деца со социјалните мрежи. Но овојпат контекстот е поинаков. Наместо политичари, пред него ќе стои порота што ќе одлучува за евентуална отштета и потенцијално ќе постави правен преседан за илјадници слични тужби низ земјата. Доколку „Мета“ го загуби случајот, исходот може да ја разниша долгогодишната правна одбрана на големите технолошки компании дека не се директно одговорни за штетите што наводно произлегуваат од користењето на нивните платформи.
Во фокусот на испрашувањето се очекува да бидат алгоритмите на Инстаграм, бесконечниот фид, системите за препораки и козметичките филтри кои го менуваат изгледот на корисниците. Тужителите тврдат дека токму овие карактеристики биле внимателно осмислени за да го задржат вниманието на младите што е можно подолго, поттикнувајќи споредби, несигурности и прекумерна употреба. Одбраната, пак, инсистира дека компанијата вложува во безбедносни механизми и дека не постојат научни докази кои директно ја потврдуваат тезата за клиничка зависност од социјалните мрежи.
На судењето веќе сведочеше шефот на Инстаграм, Адам Мосери, кој изјави дека не се согласува со ставот дека луѓето можат да бидат клинички зависни од социјалните медиуми. Тој нагласи дека, на долг рок, не е во интерес на компанијата да носи одлуки што носат профит, но ѝ штетат на благосостојбата на корисниците. Адвокатите на „Мета“ посочија и на медицински документи што, според нив, покажуваат дека тужителката имала турбулентно детство и дека социјалните медиуми биле само еден од факторите, а можеби и механизам за справување со личните проблеми.
Случајот во Лос Анџелес не се одвива во изолација. Илјадници тужби во САД, поднесени од семејства, училишни окрузи и сојузни држави, ги обвинуваат компаниите како „Мета“, „Гугл“, „Снеп“ и „ТикТок“ дека придонеле кон продлабочување на кризата со менталното здравје кај младите. Во меѓувреме, неколку земји веќе презедоа чекори: Австралија и Шпанија воведоа ограничувања за пристап на малолетници до социјалните мрежи, а во САД, Флорида донесе закон со кој се забранува отворање профили за деца под 14 години – мерка што технолошката индустрија ја оспорува на суд.
Ова судење затоа се гледа како тест-случај што може да ја обликува иднината на дигиталниот простор. Дали платформите ќе бидат третирани како неутрални алатки што ги користат милијарди луѓе, или како производи со потенцијално штетен дизајн што бара построга одговорност? Одговорот можеби нема да стигне веднаш, но јасно е дека исходот од оваа судница ќе одекне многу подалеку од Калифорнија, сè до екраните на милиони млади корисници ширум светот.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








