Загадувањето е резултат на историска негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со коишто тие во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски прашан да ги коментира заклучоците донесени од Советот на Град Скопје за дислокација на цементарницата УСЈЕ поради загадувањето на воздухот. Тој нагласи дека Владата ќе постапи во рамки на своите ингеренции нагласувајќи дека и вонредните инспекциски контроли и евентуалната дислокација не претставуваат проблем доколку тоа е во интерес на граѓаните.
„Од она што го слушнав во јавноста се бара вонреден инспекциски надзор, вонредни инспекциски проверки. Тоа не е никаков проблем и тие веќе се спроведуваат. Што се однесува до дислокацијата, ниту тоа не е никаков проблем за Владата. Сѐ што е проблем за граѓаните е проблем и за нас. Јас ги разбирам граѓаните, тие секогаш се во право – сите тука живееме и го дишеме овој воздух“, изјави Мицкоски.
И на источната и на западната порта на градот ние немаме понудена опција за граѓаните како да ги затоплуваат домовите -притоа тука мислам на далечинско загревање и на гас и тоа е суштината во целиот овој процес, рече Мицковски и нагласи: „Притисокот е голем, но важно е дека имаме цел и дека чекориме кон реализирање на таа цел“.
Претходно, во историски пресврт, на синоќешната седница, Советот на Град Скопје едногласно ја поддржа дислокацијата на фабриката Усје. Oд иницијативата Зелен Хуман на својот Фејсбук профил објавија дека првпат во историјата на Скопје политичките групи застанаа рамо до рамо со граѓаните за да се реши голем проблем.
„Прв пат во историјата на Скопје успеавме да ги обединиме сите политички групи во Советот да застанат рамо до рамо со скопјани и јасно и цврсто во еден глас да речат УСЈЕ НАДВОР ОД СКОПЈЕ!“, напиша ЗХГ.
Ова се заклучоците на Советот на Град Скопје во врска со дислокацијата на скопската Цементарница:
Од ДОМ истакнуваат дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање итно мораат да спроведат пакет мерки кој би опфатил неколку активности. „Потребен е јавен мониторинг во реално време. Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат ‘интерна тајна’ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности“, предлага ДОМ.
Оттаму предлагаат цементарницата ТИТАН Усје да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и во јануари, итно да се забрани користење на пластика, текстил и гуми како енергенс, а додека фабриката е во населено место, да работи исклучиво на гас. Задолжително вградување на влажни испирачи (scrubbers) за фаќање на киселите гасови и честички, како и жестока контрола на „малите оџаци“.
„Загадувањето не е само од индустријата. Потребни се итни, засилени контроли на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад. На испекторите да им се обезбеди современа опрема за индикативни мерења. За ова ни треба силен Инспекторат за животна средина (ДИЖС), предводен од докажан професионалец од техничките науки со искуство во индустријата,а не партиски кадри кои не ги познаваат процесите. Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста, мониторингот во живо и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“, се нагласува во соопштението од ДОМ.
По вчера одржаниот протест пред фабричките порти на скопската Цементарница, компанијата ТИТАН Усје се огласи со соопштение, во кое се тврди дека таа работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во ТИТАН Усје соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија.
“Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на факти и на научни податоци. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место“, стои во реакцијата на ТИТАН Усје.
Аналитика








