Продолжувајќи ја првата анализа за приходите и добивките во пекарската индустрија, сега го насочуваме фокусот кон човечкиот капитал – вработените и нивните примања. Во индустрија која секојдневно произведува основен производ како лебот, токму луѓето зад машините и фурните се клучни за квалитетот, продуктивноста и стабилниот раст. Порталот Пари ги анализира податоците од БизнисМрежа за шесте најголеми пекари за бројот на вработени и просечната плата, тие покажуваат интересни трендови, но и контрасти кога ќе се споредат овие бројки со приходите и добивките.
ВЕКНА ПО ВЕКНА ДО МИЛИОНИ: Бројките зад индустријата што секојдневно нè храни
Пекарската индустрија вработува значителен број лица – од ракувачи на машини до технолози и комерцијалисти. Од шесте анализирани компании, најголем работодавач е Жито Лукс Скопје, со 331 вработен во 2024 година, додека најмал е Жито Клас Силбо, со 87 вработени.
Жито Лукс е најголем по приход и број на вработени, истовремено исплаќа и највисока просечна плата – 631 евра, што е зголемување за 11% во однос на 2023 година. Воедно, оваа компанија забележала и највисоко подобрување на добивката по години.
Жито леб Охрид е втора по големина компанија по број на вработени, со 289 лица во 2024 година. Оваа пекарска компанија има долгорочно стабилен број на вработени, со минимални флуктуации во последните четири години (од 313 во 2021 на 289 во 2024). Просечната плата што ја дава Жито леб Охрид е 496 евра.
Со 248 вработени, компанијата Специјал ја задржува истата бројка три години по ред – стабилност која не е честа во прехранбениот сектор. А просечната плата изнесува 469 евра, зголемена за над 100 евра споредено со 2023 година.
Падот од 218 вработени во 2021 на 188 денес е индикатор дека фурната Диме минува низ турбуленции. Добивката се намалува на 132,7 евра а платите растат на 470 евра. Но, со приход од 5,5 милиони евра, продуктивноста е пониска, а добивката по вработен се симнува на 706 евра.
Со 135 вработени, Жито Скопје Силбо нема флуктуации во последните три години – ист број секоја година. Во 2024 има добивка од 344,2 евра што ја става меѓу најдобрите. Приходот е 4,07 милиони евра, а платата 434 евра што е пораст од 31% во однос на 2023.
Иако има најмал тим, Жито Клас Силбо демонстрира најголема ефикасност. Со 87 вработени – најмалку во анализираната група – компанијата остварува рекордна добивка од 1,2 милиони евра. Платата од 478 евра е зголемена за 53% за само една година, што укажува на јасна стратегија за мотивирање и задржување на кадарот.
Секоја компанија што го гради својот успех врз човечки труд има одговорност да обезбеди не само егзистенција, туку и достоинство за своите вработени. Платата не е само трошок во билансот – таа е инвестиција во квалитетот, во мотивацијата, и во опстанокот на професијата. Особено кога станува збор за занает како пекарството, кој не може целосно да се автоматизира.
Катерина Михајлова