ПОВЕЌЕ

    Љубинка Такашманов во NEW BIZ: За секоја работна позиција има перфектен кандидат

    Време зa читање: 5 минути

    Во време кога процесот на вработување може да се одолжи и да трае со месеци, Љубинка Такашманов, извршна директорка на ITtude, успева и најретките ИТ таленти да ги регрутира за само 48 часа. Без географски или индустриски ограничувања. За тоа како е можно од Македонија секојдневно да се оперира низ светот и да се пронаоѓаат соодветни кадри за отворените позиции во компаниите на различни континенти, Такашманов зборува во New Biz Podcast.

    ITtude ја основала како човек со ИТ бекграунд, со цел да им помогне на компаниите за кратко време да ги пополнат и најтешките ИТ позиции. „Мојот бекграунд е ИТ, магистер сум по телекомуникации и софтверско инженерство и сосема случајно тргнав по стапките во индустријата на регрутингот“, раскажува таа.

    Првиот контакт со регрутирањето ѝ бил сосема ненадеен. Работела како ИТ проект менаџер за американска компанија, кога тимот од петнаесеттина искусни регрутери со недели не успевал да обезбеди луѓе за специфични позиции. „Јас ги најдов сите за два-три дена. Перфектни луѓе, можеа веднаш да почнат“, се сеќава Такашманов. Набргу потоа ја назначиле за директорка за регрутинг – „немав поим што е хајаринг, сорсинг, интервјуа“, вели таа. Патот бил тежок, „како пливање меѓу ајкули“, но со многу труд и посветеност успеала да гради тимови и да работи со стартапи, влади и НАТО на невозможни мисии.

    По речиси дведецениско работно искуство во две американски компании, ја основала ITtude како одговор на пазарната побарувачка. „Прво беше сајд хасл, а сега е нешто на кое сум целосно фокусирана. Работиме низ целиот свет и им помагаме на компаниите да ги пополнат сите позиции во рок од 48 часа, без разлика на локацијата и без разлика на буџетот“, посочува Такшаманов, чија фирма успешно функционира веќе пет години.

    Такашманов ја објаснува суштинската разлика меѓу регрутер и сорсер. За неа, најдобар пристап е „еден човек да прави 360 степени регрутинг – од наоѓање кандидати, интервјуирање, до водење на целиот процес“.

    Регрутерот, нагласува, е повеќе од посредник: „Регрутерот е лицето на компанијата. Тој мора да ги знае вредностите на компанијата за да идентификува луѓе кои ќе се алајнираат со тие вредности. Тој го гради кандидатското искуство и е застапник и на кандидатот и на компанијата“. Сепак, додава, сите компании не ја разбираат важноста на регрутерот, кој мора „да ги застапува интересите на кандидатот со иста мера како што ги застапува интересите на компанијата во која работи“. За разлика од ова, сорсингот означува човек кој само ги бара кандидатите и ништо повеќе од тоа.

    Во сите овие активности, нагласува таа, „меѓу сите овие луѓе, вклучително и кандидатот, најважна  е отворената комуникација, транспарентноста, затоа што ако не се постават темелите како што треба на здрава основа или се искомуницираат неточни информации, доаѓа до проблеми во целиот процес“. Затоа, IТtude има воспоставено ригорозен процес низ кој минуваат сите кандидати „за да бидеме сигурни дека се перфектен фит за нашиот клиент“.

    Иако во навидум делува едноставно, регрутирањето бара многу работа и трпение. „За некој да биде регрутер, треба да има мајндсет. Тоа е лајфстајл – да не се жалиш дека нема кандидати или дека буџетот е низок. Нашата мисија е да покажеме дека за секоја позиција има кандидати, перфектни, и дека таа позиција може да се пополни“, објаснува Такашманов.

    Регрутерот никогаш не треба да се откажува, децидна е Такашманов. Затоа ги учи регрутерите и преку организирани курсеви им се помага да го постигнат нивото од кое ќе можат лесно и брзо да идентификуваат кандидати и да го оптимизираат процесот. „За многумина тоа претставува стрес, а не треба да биде. Тоа треба да биде уживање. Важно е јас да служам. Моја цел е да им помагам на кандидатите, да им помагам на компаниите. Кога ја отворив мојата фирма, сфатив дека регрутингот е многу благодарен бизнис, односно е вин-вин бизнис и за кандидатите и за компаниите и за нас кои помагаме да се спојат тие две работи“.

    Работата ја втурнала и во бројни невозможни мисии, меѓу кои го издвојува случајот кога за НАТО морале да се најдат 18 Американци со безбедносен сертификат и техничко знаење. Задачата ја добила во 20.30 часот, а потребните лица веќе утредента требале да отпатуваат во Белгија. „За два часа имав не 18, туку 22 луѓе“, вели Такашманов, истакнувајќи ја важноста на снаодливоста и умешноста во овој бизнис.

    Денес во ITtude времето за вработување во САД е сведено на 48 часа, а во регионот кандидатите се подготвени да започнат веднаш штом компанијата е подготвена. Сепак, Такашманов укажува дека долгите процеси со многу интервјуа ја нарушуваат кандидатската мотивација и искуство. Затоа компанијата ги советува клиентите процесот да го скратат и да покажат навремен интерес за кандидатите.

    „Сакаме да работиме со клиенти кои се во yes mode, кои сакаат да растат и се спремни да пробаат нешто ново за да добијат брзи и квалитетни резултати“, нагласува Такашманов. Со такви компании, додава, разговорите не се преговори, туку инспиративни дискусии што водат кон нови соработки.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично