Од јануари до февруари минималната синдикална кошница поскапела за 521 денар. Сојузот на синдикатите пресметал дека за премостување на најкусиот месец се потребни 63.773 денари.
Ова е подобрата варијанта, затоа што претпоставува дека се однесува на семејствата што имаат сопствен дом. Изнајмениот стан од 60 квадратни метри, ја менува состојбата и кошницата тежи 79.148 денари. Што значи дека мора да се обезбедат дополнителни 15.375 денари.
Од сите трошоци, 36,7 отсто зафаќаат најосновните – за храна и пијалаци. За намирување на тие потреби неопходни се 23.427 денари.
Како што е редот, доѓаат сметките за станарина, вода, струја и греење од 6.096 денари. Или во минималната синдикална кошница партиципираат со 9,6 проценти. Удел од 9,1 отсто имаат трошоците за облека и обувки од 5.800 денари.
Високо е учеството од 11 проценти за образование, што според пресметките на ССМ чини 7.036 денари. Следува транспортот со 4.844 денари или 7,6 отсто. Потоа, за рекреација и култура – 4.592 денари, односно 7,2 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денар (6,5%). Додека за комуникации на едно четиричлено семејство во февруари годинава му биле неопходни 3.417 денари или 5,4 отсто од износот на минималната кошничка.
Личната и одржувањето хигиена во домот налагаат издвојување на 2.195 денари (3,4%), а за здравје – 1.135 денари, односно 1,8 отсто. А, пак, за останати стоки и услуги се пресметани 1.100 денари или 1,7 отсто.
Просечното македонско семејство можеби не гладува, но постојано се соочува со зголемување на трошоците. Што значи дека мора да се направи листа на приоритети. Кога се работи за исхраната, потрошувачите кажуваат дека се определуваат за поевтините производи, што ги купуваат во маркетите со поприфатливи цени.
Можеби од помош ќе бидат и последните владини мерки, со кои до крајот на април најосновните осум видови намирници – лебот, брашното, млекото, јогуртот, киселото млеко, јајцата и маслото за јадење ќе се продаваат со замрзнати цени и со петрпоцентна маржа. Заедно со останатите од 102-те групи производи чии маржи се ограничени на 10, односно 15 проценти.
Според првичните согледувања, трговците и покрај претходниот отпор, се придржуваат кон пропишаното. Се поставуваат новите цени и се обележуваат опфатените производи. За непримена на мерките, највисоката казна е 20 илјади евра.
Владата очекува цените, во просек, да се намалат за 10 отсто. Ефектот ќе се согледа веќе во наредната минимална синдикална кошница.