За докуп на стаж само 897 лица доставиле барања до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова е состојба евидентирана на последниот ден од 2022. Воедно, е и вкупен резултат од денот кога се применува Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – 18 март 2020, што значи во период од нецели три години.
„Законот е објавен во Службен весник на 10 февруари 2020 година, влезен во сила на 18 февруари 2020 година, а се применува од 18 март 2020 година“, појаснуваат од ПИОМ. Притоа, додаваат, за годинава не можат да дадат податок, бидејќи има постапки кои се во тек.
Податоците што „Пари“ ги доби од Фондот покажуваат дека од пристигнатите барање 827 добиле позитивно решение, 21 негативно, а 29 се во постапка.
Законската можност за докуп на стаж беше дадена и во 2015 година, но со ограничено важење од една година. Актуелното решение, пак, не предвидува временски лимити.
Оваа погодност е за сите оние кои го немаат минимумот од 15 години, потребен за остварување на правото за пензија. Пред се, поради тоа што многумина и покрај тоа што биле работно ангажирани и одработиле многу повеќе од предвидениот праг, од разни причини имаат „дупки“ во стажот, кои најчесто се подведуваат под терминот „грешки“ од транзицијата. Која, патем, многу се одолжи.
Оттаму и реакците на дел од пензионерите на забелешките за неправедноста да се изедначат тие кои со децении придонесувал во Фондот со оние кои работеле само 15 години, како што деновиве често повторува министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчовска. Затоа што онеправдани има и на другата страна.
За да се исправи до некаде неправдата за оние со стаж кој заостанува зад потребниот за пензија, се прифатија законските дополнувања за докуп. Конкретно, членот 107-ѓ овозможува осигуреник кој бил во редовен работен однос, што значи и пријавен во задолжително социјално осигурување, а работодавачот не го платил придонесот, може самиот за себе да го стори тоа.
Со други зборови, лицата кои наполниле 65 години, а немаат 15 години работен стаж поради неплатени придонеси, можат да го откупат „загубеното време“. И освен желба, треба да имаат и пари за тоа. Едноставно, износот за уплата се пресметува врз основа на 20 отсто од просечната плата од претходната година, објавена од Државниот завод за статистика. Инаку, откупот на стажот можат да го направат и членовите од семејството на осигуреник кој починал, со што може да се стекнат со правото на семејна пензија. Од МТСП посочуваат дека тоа е коректно, затоа што „пресметката се прави врз ниска основица“. Исто така, додаваат дека Фондот постапува по однос на извршни судски одлуки кои се во полза на оштетените вработени, а се однесуваат на исплата на придонес.
Математиката, пак, вели – ако некој годинава достави барање за докуп на стаж, при што за основа се зема ланскиот просек на исплатена плата од 31.859 денари, се доаѓа до износ од речиси 6.400 денари. Инаку, докупот важи за годините загубени во периодот до крајот на 2008.
Дека потенцијалните пензионери се заштитени и нема да се повтори времето кога и со стаж луѓе остануваа без впишан стаж, укажуваат и од ресорното Министерство за труд и социјална политика. „Почнувајќи од 2009 година, согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, воспоставен е системот на интегрирана наплата на придонеси, односно со исплата на плата и надомест на плата истовремено се исплаќаат и социјалните придонеси.
Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување ги уредува видовите придонеси за задолжително социјално осигурување, вклучувајќи ги и придонесите од пензиско и инвалидско осигурување, како и обврзниците за плаќање на придонеси, обврзниците за пресметка и уплата на придонеси, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контролата на пресметување и уплата на придонеси, како и други прашања“, објаснуваат од МТСП.
Воедно, уште еднаш истакнуваат дека се работи за економска категорија, а законот не признава стаж без уплатени придонеси:
„Пензиското и инвалидското осигурување со кое осигурениците се заштитуваат од ризикот на старост, односно на неможност за понатамошно извршување на доходовна активност од страна на осигурениците опфатени со закон, како и секој вид на осигурување, претставува економска категорија, па според тоа правата кои се стекнуваат и остваруваат од ова осигурување зависат од начинот, должината и обемот на вложувaњето средства во текот на осигурувањето, под услови утврдени со овој закон. Ова упатува на изјавата дека не е праведно некој кој работел 30-40 години и за тоа време вложувал и придонесувал во пензиското и инвалидското осигурување, да се изедначува со осигуреник кој работел 15 години и за толку време придонесувал во пензиското осигурување“.
Не е тајна дека добар дел од вработените се пријавени со минималниот износ на плата, што подоцна се одразува врз висината на пензиите. Во такви услови не се знае што е попроблематично – патот до остварување на правото за пензија или потоа – животот со месечните пензиски примања.
новинар
Маја Анастасова