Со издадени повеќе од 115 прекршочни платни налози, од одделни трговци ќе се наплатат казни од над четири милиони денари, односно речиси 65 илјади евра. Ова е резултатот од работата на Државниот пазарен инспекторат, остварен во периодот од шести до 13 март, при што се извршени над 450 инспекциски надзори на територијата на државата. Се контролира продажбата на лебот, тестенините, млекото и млечните производи, кои со примената на владните мерки имаат замрзнати цени.
„ДПИ врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари и Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед“, информираат од таму.
Во рамки на проверките, се додава во соопштението, „извршени се над 45 инспекциски надзори по одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки“, при што се кај некои економски субјекти се констатирани прекршоци и следувала вкупна казна од над 205.000 денари, или 3,3 илјади евра.
Инспекторите најавуваат дека и понатаму ќе бидат на терен, а секое непочитување на одлуките ќе биде санкционирано.
Опсегот на производи кои влегуваат во владината заштитена „кошница“ и се приоритет на инспекцијата веќе денес треба да се зголеми. Под мраз одат и цените на јајцата и оризот од домашно производство, а официјалната објава за тоа се очекува по завршувањето на седницата на Владата.