ПОВЕЌЕ

    За големиот даночен грабеж од 4,8 милиони евра – 20 осомничени, осуммина одат во притвор

    Време зa читање: 3 минути

    Државниот буџет е оштетен за 4,8 милиони евра од страна на дваесетмината осомичени – вработени и раководни лица во Управата за јавни приходи, српски државјанин, бизнисмени и управители на фирми. Во периодот од 2023 до 22025 година тие вршеле даночни затајувања и измами, перење пари и злоупотреба на службената положба. Во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во претресот извршен на 16 локации низ државата, обезбеден е доказен материјал.

    Првоосомничен е српскиот државјанин, кој е и сопственик и управител на две фирми.

    „Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија“, наведено е во соопштението од ОЈО ГОКК.

    Конкретно, преку прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночните службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари (188,5 илјади евра). Другите, пак, осомничени сопственици и управители на фирми со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица. Со тоа буџетот е оштетен за 31.175.168 денари (507 илјади евра). Дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање средства, а со цел прикривање на потеклото на парите стекнати со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари (1,5 милиони евра).

    Во соопштението уште се наведува: „Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари“. Или, тоа е сума од 2,65 милиони евра.

    При извршените претреси пронајдени се и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени, посочуваат од Обвинителството.

    „Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП на РСМ“, информираат од ОЈО ГОКК.

    Последната информација е дека осуммина од осомничените, по завршениот распит во Основниот кривичен суд, одат во 30-дневен притвор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично