Во првите десет дена од март, полицијата на патиштата низ државата регистрирала 6.264 сообраќајни прекршоци, а 151 возач бил лишен од слобода поради безобѕирно управување со возило. Податоците се од редовните сообраќајни контроли што ги спроведуваат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Дури 1.800 возачи биле фатени како возат побрзо од пропишаното.
Меѓу приведените 151 лице, полицијата селектирала 32 возачи што управувале возило под дејство на алкохол, 50 возеле без возачка дозвола, а 12 лица седнале зад воланот иако имале претходно изречена забрана за возење.
Полицијата во овој десетдневен период одзела 53 возила, согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Статистиката покажува и голем број други прекршувања на сообраќајните правила. Регистрирани се 1.477 прекршоци за неправилно паркирање, како и 110 санкции за возење под дејство на алкохол. Дополнително, 754 учесници во сообраќајот биле казнети затоа што не користеле сигурносен појас, а 43 моторциклисти биле санкционирани поради неносење заштитен шлем.
Санкционирани биле и 238 пешаци, како и еден возач на електричен тротинет. Воедно, 67 нерегистрирани возила биле исклучени од сообраќај, додека 79 возила биле отстранети поради техничка неисправност. Казни добиле и 25 возачи поради неправилно затемнување на стаклата на возилата.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите со цел да се намали бројот на сообраќајни несреќи и да се зголеми безбедноста на патиштата.
Аналитика








