Германија е потресена од еден од најголемите финансиски скандали, аферата Wirecard, а според последните податоци, овој германски финтех гигант им должи на доверителите огромни 12,5 милијарди евра, пренесува агенцијата Анадолија.
Стечајниот управник на Wirecard AG Мајкл Јафе одржа состанок со доверителите кои од компанијата бараат 12,5 милијарди евра. Покрај 12,5 милијарди евра, има и други барања на доверителите, но тие сè уште не се објавени во јавноста.
Јафе вчера откри дека шпанската банка Сантандер потврдила дека ќе ги купи специјализираните технолошки средства на пропаднатата компанија Wirecard како дел од проширувањето во секторот на услуги за дигитално плаќање во Европа.
Тој посочи дека Сантандер банка ќе го купи имотот од секторот за обработка на трговските трансакции во Европа, согласно договорот со стечајниот управник.
Wirecard покрена банкрот откако беа обелоденети долгови во вредност од 3,2 милијарди евра.
Ова е најголемиот банкрот во историјата на корпоративната Германија, која го надмина колапсот на компанијата P&R од 2018 година, која должеше три милијарди евра.
Wirecard е основана во 1999 година во предградијата на Минхен и првично обработуваше трансакции за веб-страници што се занимаваа со коцкање и порнографија. Со текот на времето, тој го прошири својот круг на клиенти и стана миленик на инвеститорите, а во 2018 година беше вклучен во индексот на берзата во Франкфурт DAX. Неговата пазарна вредност на својот врв беше 28 милијарди евра.
Целиот случај го откри ревизорот Ернст и Јанг во јуни годинава, предупредувајќи дека не може да најде докази за депозити од 1,9 милијарди евра. Две банки на Филипините тогаш се вклучија во случајот, објавувајќи дека документите на сметките на Wirecard се фалсификувани и дека германската компанија не е нивен клиент.